Одлуката на Уставен е тежок удар врз мултиетничката стабилност на државата, вели портпаролот на ДУИ – не ја исклучува можноста од протести

„Сите демократски механизми се на располагање и се опција за нашето политичко делување, вклучувајќу тука и протести кои се дел од агендата, но сè уште не се разгледани на дневен ред на постојаните заседанија во рамките на нашите партиски органи и тела“, рече Адеми одговарајќи на новинарско прашање на вечерашната вонредна прес-конференција пред Уставниот суд

Прашан претходно во врска со тврдењата дека ДУИ подготвува дестабилизација на државата, Адеми рече дека тензиите не ги продуцираат тие, туку Владата која нема етнички легитимитет

Тежок удар врз Уставот, врз Охридскиот рамковен договор и врз мултиетничката стабилност на државата. Вака портпаролот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми вечерва на вонредна прес-конференција пред зградата на Уставниот суд ги оцени последиците од денешната одлука на Судот за укинување на т.н. „балансер“ – алатката за вработување според етничка припадност во државните институции.  

Портпаролот на ДУИ, Арбер Адеми на вечерашната вонредна прес-конференција пред зградата на Уставниот суд / Фото: Принтскрин

На прес-конференцијата Адеми беше придружуван од повеќемина членови и поддржувачи на ДУИ, меѓу кои можеше да се забележи и поранешниот министер за економија во претходната влада на СДСМ и ДУИ, Крешник Бектеши.  

Говорејќи пред новинарите, Адеми одлуката на Уставниот суд ја нарече шокатна, посочувајќи дека таа претставува директен напад врз основните права на заедниците во Република Северна Македонија што ќе има сериозни последници за праведното и еднаквото функционирање на државните институции. 

Според него, со ваквата одлука на Уставниот суд се забранува декларирањето на етничката припадност.  

„Оваа одлука е тежок удар врз Уставот, врз Охридскиот мировен договор и врз мултиетничката стабилност на нашата држава, бидејќи институциите досега го отсликуваа нашиот заеднички реалитет и тоа беше темел на соживотот и комуникацијата меѓу заедниците. Денес повеќе од кога било се соочуваме со сериозна криза на соживотот на правото на еднакви можности. Ова е чекор назад за нашата земја, чекор што ја загрозува иднината на мултиетничката стабилност и хармонијата што ја имаме изградено“,  

изјави Адеми.

Во таа насока, тој ги повика сите надлежни институции и меѓународната заедница веднаш да реагираат за се заштитата, како што кажа, правата загарантирани со Устав и закон и да обезбедат дека еднаквата застапеност ќе остане непроменета.   

Декларирањето на етничката припадност, рече Адеми, е неотуѓиво право и неопходен елемент за обезбедување праведна застапеност на сите заедници, а одлуката на Уставен ја елиминира можноста јавните институции да ја отсликуваат мултиетничката структура на земјата.  

„Механизмот на ‘балансер’, кој овозможи вклучување на различни заедници во вработувањето и нивна застапеност, сега тој механизам со оваа одлука се укина, со што се уништуваат сите досегашни напори за изградба на праведно интегрирано општество. Без ова декларирање, етничките заедници ќе останат невидливи во нашите институции, враќајќи нѐ назад во времето кога нивната застапеност беше маргинализирана“,

рече Адеми. 

Одлуката на Уставен, како што кажа Адеми, не е само правен акт, туку „чекор што означува црн ден за историјата на оваа земја“. 

„Демократската унија за интеграција силно ќе стои во одбрана на правата на заедниците и нема да дозволи нивните права да бидат прекршени и загрозени“,

порача портпаролот на ДУИ.  

Одговарајќи на новинарско прашање кои ќе бидат следните чекори на ДУИ, Адеми не ја исклучи можноста од протести, но, како што додаде, тоа сè уште не било разгледувано на партиските состаноци.  

„Сите политички случувања се следат од Демократската унија за интеграција и во рамки на „Европскиот фронт“, така што сите демократски механизми се на располагање и се опција за нашето политичко делување, вклучувајќу тука и протести кои се дел од агендата, но сè уште не се разгледани на дневен ред на постојаните заседанија во рамките на нашите партиски органи и тела“,

изјави Адеми.  

Од вечерашниот собир на членов и поддржувачи на ДУИ пред зградата на Уставниот суд / Фото: МИА

Прашан претходно во врска со тврдењата дека ДУИ подготвува дестабилизација на државата, Адеми рече дека тензиите не ги продуцираат тие, туку Владата која нема етнички легитимитет.   

„Јас мислам дека оваа Влада, моноетничка, без етнички легитимитет настојува да произведува тензии, инсистира да се креираат тензии. А ние не го сакаме тоа. Ние сакаме уставните начела и уставниот поредок, правниот поредок на оваа држава доследно да се почитува. Значи оваа одлука навистина е смешна и е во насока на реализација на одредена политичка агенда која сака да креира тензии, а такви тензии не ни требаат. Ние за време на предизборната кампања секој божји ден сме дискутирале, сите политички партии за европската перспектива на нашата заедничка татковина. За што зборуваме денеска? За отцепување на Албанија од Република Северна Македонија. Значи шансите да имаме посветла иднина, европска перспектива се сè помали и помали. И во вакви околности некој можеби смислил некое сценарио со вакви одлуки, со вакви институции, кои оперираат како параполитички институции, наместо да бидат чувари на Уставот“,

изјави портпаролот на ДУИ.  

Уставниот суд на денешната седница одлучи да го укине „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност во државните институции.    

Образложувајќи ја одлука, претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски на прес-конференција рече дека таа е донесена со мнозинство гласови и оти нема да важи ретроактивно.  

Тој како лага и манипулација го оцени тврдењето дека Уставниот суд укинува права на заедниците со одлуката за укинување на „балансерот“. 

Предметот во Уставен беше оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), бидејќи оттаму сметаа дека преку алатката се прават злоупотреби при вработувањата по етнички клуч. 

- Реклама -