Северна Македонија е избрана за нова членка на Советот на човекови права на ОН за периодот 2025-2027 година

Инаку, земјава по вторпат е избрана за членка на Советот за човекови права, откако претходно членуваше во периодот 2014-2016 година

Генералното собрание на Обединетите нации со 168 гласа „за“ денеска ја избра Република Северна Македонија за нова членка на Советот за човекови права на светската организација за периодот 2025-2027 година, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. 

Генерланото собрание на Обединетите нации / Фото: Веб-страница на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија

За изборот, преку објава на социјалните мрежи информираше и ресорниот министер Тимчо Муцунски, кој, меѓу другото, напиша дека поддршката на земјите членки на Обединетите нации е потврда за придонесот на нашата држава како посветен промотор и заштитник на човековите права и слободи.  

„По овој значаен дипломатски успех, нашиот приоритет ќе биде активно учество во работата на Советот, каде што ќе придонесеме за глобалната промоција и подобрување на состојбата со човековите права ширум светот. Ова е во согласност со обврските и заложбите кои ги истакнавме при нашата кандидатура за членство“,

се вели во објавата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија.  

Нашата земја, се вели во соопштението на Министерството, во најновиот Национален извештај за Универзалниот периодичен преглед презентиран пред Советот за човекови права во Женева, е високо на листата на земји кои ги почитуваат и гарантираат човековите права и оценета како квалификуван кандидат кој ги исполни неопходните услови за да биде дел од работата на ова меѓународно тело. 

Инаку, Република Северна Македонија по втор пат е избрана за членка на Советот за човекови права на ОН. Претходно, земјава беше членка на ова тело во периодот од 2014-2016 година, потсетуваат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.  

- Реклама -