Со вторите воведни победи Ѕвезда и Монако на врвот на Евролигата


Евролига: Ѕвезда и Монако дојдоа и до втората победа

Кошаркарите на Црвена ѕвезда ја победија Басконија со 78:71 во белградската „Арена“ во второто коло од Евролигата. Резултатот по четвртините беше 25:20, 17:14, 17:15, 19:22, а Ѕвезда беше во водство речиси цел натпревар.

„Црвено-белите“ главно ги контролираа случувањата на теренот, повеќепати имаа и двоцифрена предност, иако Басконија го одведе натпреварот во неизвесна завршница, во која домашните играчи сепак не потклекнаа.

Најефикасен кај Ѕвезда беше Ајзеа Кенан со 19 поени, Џоел Боломбој имаше 15 со осум скока и два скока, додека Никола Калиниќ заврши со 12. Најдобар во тимот на Басконија беше Чима Монеке со 19 поени, додека Донте Хол додаде 13 со седум скока. Маркус Хауард имаше лоша вечер, бидејќи застана на седум поени, а за „тројка“ шутираше само 1/5.

Ѕвезда сега има скор од 2-0 во Евролигата, додека Басконија е 1-1, откако во првото коло го совлада Партизан. Во следното коло Ѕвезда му гостува на Фенербахче, додека Басконија на домашен терен го пречекува Реал Мадрид.

Претходно во средата, исто така, во рамките од второто коло, кошаркарите на Монако го совладаа Макаби Тел Авив со 85:79, остварувајќи ја втората победа.

Гостите водеа со пет разлика на полувремето (46:41), но Монако беше подобар во вториот дел, свртувајќи го резултатот во своја полза.

Мајк Џејмс и Ели Окобо со по 17 поени го предводеа Монако до победата, додека Донатас Мотијехунас постигна 11 поени. Џордан Лојд со 16 поени, а Џејлен Хоард и Џасиел Риверо со 13 поени беа најефикасни кај израелскиот тим.

Во четврток се среќаваат Анадолу Ефес – Фенербахче, АСВЕЛ Вилурбан – Виртус Сегафредо Болоња, Панатинаикос – Баерн Минхен и Реал Мадрид – Партизан, а последните три натпревара од второто коло се во петок кога Олимпијакос – Жалгирис, Барселона – АЛБА Берлин и ЕА7 Емпорио Армани Милано – Париз.

- Реклама -