Мисајловски: Ситуацијата на Блискиот Исток и во Украина ќе има рефлексија во цела Европа

Ситуацијата на Блискиот Исток и во Украина е многу загрижувачка и ќе има рефлексија не само кај нас, туку во цела Европа. Затоа е неопходно по дипломатски начин да се започне дијалог и да се постигне мир, истакна денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски. Тоа е на глобално ниво, а најбитно за нас, како што кажа, е безбедносната ситуација во државата да биде стабилна и да ги имаме сите неопходни информации.

-Состојбата целосно се следи на се она што е затекнато во соседството и тука како терористички структури. Податоците оперативно се обработуваат и сите достапни информации ги споделуваме со НАТО земјите. Не постои опасност, но со тие структури секогаш мора да се биде внимателен и затоа е добро да ги споделуваме сите информации со НАТО, зашто голем дел од нив и ги добиваме од Алијансата, рече Мисајловски во одговор на новинарско прашање на денешниот отчет за 100 дена Влада.

Ние, посочи, ќе го следиме сето она што го прави НАТО и нашите стратешки партнери.

-Преку видео врска се видов со нашите тројца штабни офицери во Јужен Либан. Тие се чувствуваат добро, но ситуацијата е загрижувачка и секој ден е се потензична. Иако се чувствуваат безбедно постојано се во бункери и само изминативе денови имаше преку 300 гранатирања од кои е оштетена инфраструктурата во близина на командните центри каде се сместени. Има и борбени дејства во близина, прецизира Мисајловски.

Прочитајте и:  Велика Британија одбива да коментира дали Украина користела „Сторм Шедоу“ проектили против цели во Русија

Нагласи дека нов пакет помош за Украина ќе биде на дневен ред на следната владина седница.

-На состанокот во Рамштајн, кој е одложен поради неможноста претседателот на САД да дојде заради ураганот, ќе се разговараше за помош на Украина. Нашиот нови пакет помош за Украина веќе е на владина седница, но за се што ќе е донирано мора да имаме проценета вредност. Сега се прави со сметководствена и пазарна вредност, но мора да имаме и проценка. Во минатото се правела преку Бирото за судски вештачења. Ја правел експерт на кој никогаш не му било исплатено и не ги добивме проценките. Сега тој проценител го ангажиравме во Министерството да ни помогне за да имаме квалитетни извештаи што ќе ги доставиме до нашите партнери. По проценката ќе ги поминеме и новите пакети, рече Мисајловски.

Посочи дека во вчерашниот извештај од НАТО било посочено дека сме четврта земја по контрибуции за Украина.

-Од Украина се бара се, не само воена, туку и хуманитарна помош што може да ја понуди секоја земја членка на НАТО. Ние ќе помагаме, но пред се мора да ја заштитиме нашата земја и она што е потребна опрема за нашата Армија ќе направам се да остане тука, потенцира Мисајловски.

- Реклама -