ДСЗИ го објави извештајот од спроведениот вонреден инспекциски надзор за починатото 14-месечно бебе

Бебето неколку дена повраќало, немало температура, имало лесно зацрвенето грло и било без наод на белите дробови. Состојбата му се влошила за неколку дена, а во исписната дијагноза од Детската клиника се наведува дека бебето имало опструктивна бронхопневмонија

Опструктивна бронхопневмонија е исписната дијагноза на 14-месечното бебе од Скопје кое почина минатата недела на Детската клиника, се наведува во извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) од спроведениот вонреден инспекциски надзор на Клиниката за детски болести, Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ и приватната здравствена установа „Ехолаб“ – ординација по општа медицина.

Во извештајот во врска со третманот и лекувањето на бебето се посочува дека детето било однесено кај матичниот лекар на 30 септември со симптоми на повраќање при што било утврдено дека нема температура, а грлото му било лесно зацрвенето и аускултаторно без наод на белите дробови. Истиот ден, во попладневните часови, детето било однесено на Детската клиника поради тоа што продолжило да повраќа, каде што било прегледено од дежурен лекар специјалист, кој ја потврдил дијагнозата од матичниот лекар, а во специјалистичкиот извештај било наведено да се донесе наредниот ден на контрола и по потреба во секое време. 

Наредната посета кај матичниот лекар се реализирала на 3 октомври поради, според изјава на родител, пролонгирано повраќање – најмалку двапати дневно и малаксалост. Бебето повторно било прегледано со наод без температура, црвено грло, наод на бели дробови аускултаторно уреден. Поради состојбата со повраќање, матичниот лекар истиот ден креирал итен упат за Детската клиника каде бебето било прегледано околу 15 часот и биле издадени два упата за лабораторија и еден за гасни анализи.

„Истиот ден по добивање на резултатите повторно било прегледано од специјалист педијатар  и дополнително биле издадени упати за лабораторија и за РТГ дијагностика. При преглед наод на везикуларно дишење со придружен наод на бронхитични хркулки обострано. РТГ-наодот покажува нагласен бронховаскуларен цртеж билатерално, хипобазално и корелира со аускултаторниот наод. Ординирана и терапија и пратено на домашно лекување“,

се наведува во извештајот на ДСЗИ.

На 4 октомври родителите самоиницијативно го однеле детето во Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ околу 11 часот, каде што по преглед од страна на лекар специјалист педијатар било задржано на болничко лекување заради поставена дијагноза – bronchiolitis acuta.

„Во текот на хоспитализацијата направени се следните испитувања: четири ацидобазни статуси, јонограм, ЦРП-2,5 хепатограм, уринарен статус- (кетони и леукоцити), брз хроматографски тест за антиген детекција, RSV (negativen) гликемија, искашлок со дренажен бактериолошки преглед, РТГ на бели дробови. Во тек на денот, и покрај ординираната терапија, се влошува здравствената состојба на детето заради што е префрлено на одделот за интензивна нега со зголемена кислородна поддршка. Поради прогресивно влошување на состојбата без одговор на дадената терапија, со прогресивен пад на кислородна сатурација, со клиничка и лабораториска слика на тежок респираторен дистрес, дежурните доктори стапиле во контакт со ИМП и со дежурен доктор на ЈЗУ УК детски болести и во 03.20 часот со возило на ИМП, пациентот е префрлен на ЈЗУ УК детски болести. Испис на 5 октомври со дијагноза pneumonia massiva, bronchitis obstruens во напад“,

се додава во извештајот.

Бебето со пневмонија било примено на Детската клиника во 03:38 часот.

„Хоспитализирано во 03:47 часот на одделение за интензивна нега и терапија.  Со оглед дека било во исклучително тешка здравствена состојба побарано е и остварен контакт со ЈЗУ ИК ТОАРИЛУЦ -ОЕ КАРИЛ заради поставување на асистирано дишење. Од страна на анестезиолог е издаден извештај дека е пристапено кон реанимација, без успех и настапува смртен исход. Исписна дијагноза e Bronchopneumonia obstructiva, Exitus letalis  во 04.20 минути“,

се појаснува во извештајот на ДСЗИ.

Телото било предадено на обдукција на Институт за судска медицина, криминологија и деонтологија. Од страна на ДСЗИ се иницира формирање на Комисија за стручен надзор. 

Паралелно со вонредниот инспекциски надзор од ДСЗИ формирана е и комисијата при Министерството за здравство која треба да го расчисти случајот со смртта на 14-месечното бебе.

Таравари: Инспектори од ДЗСИ ги испитуваат причините за смртта на 14-месечното бебе

Министерот за здравство Арбен Таравари завчера потврди дека бебето претходно било одбиено да се хоспитализира, но посочи дека без разлика каков ќе биде исходот од истрагата на инспекцијата, треба да има одговорност за случајот.

„Вратено било, за жал. Дали поради лекарска грешка или незнаење, треба да се констатира. Дефинитивно треба да има одговорност. Меѓутоа не очекувајте од мене уште денес да судам како било. Дозволете компетентните органи да испитаат сѐ во детали. На крајот, некој мора да сноси одговорност кога има вакви трагични случаи. Дојдени биле двајца анестезиолози вечерта кога починало детето, имало обид да се интубира, но, со ниска сатурација и аритмија било проблем“,

изјави завчера Таравари.

Министерот за здравство потврди дека 14-месечното бебе кое почина вчера претходно било одбивано за хоспитализација

Од пратеничката група на опозицискиот „Европски фронт“ вчера побараа оставка од министерот Таравари. 

Оттаму оценија дека Таравари тенденциозно ја релативизирал целата ситуација, што во нормална држава, како што рекоа, ќе резултираше со негова и оставка на директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди.

„Деновите минуваат, а директорот на Детската клиника Реџеп Мемеди и понатаму нема слух за скандалите во установата каде што е директор, поради што животот го загуби 14-месечно бебе, а пак претходно деца беа тепани од вработени и им беше забрането да зборуваат албански. Секако дека е зафатен со многу работа за да ги вработи членовите на неговото семејство, неговиот братучед и во исто време да ги прикрие скандалите за финансиска злоупотреба во оваа клиника“,

порачаа пратениците од пратеничката група на „Европскиот фронт“.

„Европскиот фронт“ бара одговорност од Таравари за смртта на 14-месечното бебе

Бебето почина на 5 октомври на Детската клиника, а дел од медиумите пренесоа дека претходно неколкупати било одбивано да се хоспитализира, иако неговите родители трипати го носеле на преглед на оваа клиника.

- Реклама -