Барнс: Израел и Иран не сакаат сеопфатен конфликт, но постои ризик проценката на ЦИА да е погрешна

Шефот на ЦИА, Вилијам Барнс денеска изјави дека иако американската разузнавачка заедница верува дека ниту Израел ниту Иран не сакаат „сеопфатен конфликт“, постои голем ризик од погрешна проценка.

-Се соочуваме со реална опасност од натамошна регионална ескалација на конфликтот, рече Барнс на прес-конференција во САД, пренесе Си-Би-Ес Њуз.

Според него, Блискиот Исток е место каде постојано се случуваат комплицирани работи.

-Споделувањето на разузнавачките информации меѓу САД и Израел помогна да се порази иранскиот ракетен напад на 1 октомври, рече Барнс.

Нападот откри некои слабости во воените капацитети на Техеран, но, како што истакна тој, „тоа не значи дека тие (Иран) не се моќни“, и тоа е нешто што не само Израел, туку и САД треба да го сфатат „многу сериозно“.

Прочитајте и:  САД ја отфрлаат одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху и Галант

За конфликтот во Газа, Барнс рече дека неколку пати биле блиску до постигнување договор за заложниците и прекин на огнот, но тоа постојано излегува „од контрола“.

Првиот американски разузнавач оцени дека мора да се направат тешки избори и компромиси во интерес на долгорочна стратешка стабилност.

- Реклама -