Европскиот фронт бара оставка од Таравари поради починатото бебе

Пратеничката група на Европскиот фронт денеска од собраниската говорница побараа оставка од министерот за здравство Арбен Таравари откако завчера почина 14-месечно бебе за кое претходно неговите родители барале да биде хоспитализирано, но не било примено на Детската клиника во Скопје.

Пратеничката од Европскиот фронт, Дијана Тоска побара морална одговорност од надлежните лца и целосна, транспарентна истрага.

– Ниту министерот Таравари, кој е целосно збунет шетајќи низ населбите и градовите во обид да му ги украде партиските печати на АА на неговиот поранешен претседател Зијадин Села, не чувствува никаква морална одговорност и морална мотивација да се однесува како човек во ваква ситуација. Напротив, тој има тенденција да ја релативизира целата оваа ситуација, што во нормална држава ќе резултираше не само со негова оставка и оставка на неспособниот директор Мемеди. Апелираме до вас Арбен да си одите, рече Тоска.

Прочитајте и:  Таравари: Албанскиот јазик не е рамноправен со македонскиот и мора да се врати на она што беше пред 1991 година

Од Европскиот фронт оценија дека директорот на Детската клиника Реџеп Мемеди нема слух за скандалите во установата и се занимава со вработување на членови на неговото семејство.

– Четиринаесетмесечно бебе почина, бидејќи не доби соодветен третман од надлежната институција, поточно Детската клиника во Скопје, чиј директор е Реџеп Мемеди, кој го сместил и неговиот братучед Алајдин Мемеди, а кој е обвинет за корупција. Деновите минуваат, а директорот Мемеди и понатаму нема слух за скандалите во установата поради што животот го загуби 14-месечно бебе, а пак претходно деца беа тепани од вработени и им беше забрането да зборуваат албански. Секако дека е зафатен со многу работа за да ги вработи членовите на неговото семејство, неговиот братучед и во исто време да ги прикрие скандалите за финансиска злоупотреба во оваа иста клиника, рече Тоска.

- Реклама -