Мицкоски: Планираме да бидеме центар на патните, енергетските и железничките коридори во регионот

Владата планира земјава да ја направи раскрсница во патната, енергетската и железничката област и да бидеме центар на патните, енергетските и железничките коридори во регионот, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

-Географската положба на земјава е многу значајна за овој дел од Европа. Наша цел како Влада е да бидеме раскрсница во три области – патна, енергетска и железничка и на тој начин цениме дека ќе бидеме приоритет во зеницата на поголемите држави, рече Мицкоски на заедничката прес-конференција со српскиот колега Милош Вучевиќ во Скопје.

Патното поврзување на коридорот 10, како што кажа, горе доле е завршено, останува да се до реализира коридорот 10д. Се реализира и коридорот 8 со што по нивното завршување стануваме раскрсница. Во делот на железничкиот превоз ист приоритет имаат коридорите 8 и 10. Во делот на коридорот 8 наскоро, посочи, во Брисел ќе има средба од високо ниво за да се види што планира Бугарија, а на коридорот 10 се размислува дали да се модернизира постојната траса со промена на шините и електрификација и да се зголеми брзината од 35 на 110 до 120 километри на час или да се направи брза пруга на нова траса преку Овчеполието со брзини од 220 до 250 километри на час, но тоа е четири пати поскапо. Во делот на енергетиката треба да се реализира 400-киловолтниот далновод со Албанија и гасните интерконектори со Грција и Србија за да станеме раскрсница.

-До крајот на годинава очекуваме конечно да заврши тендерот со нашиот јужен сосед за да можеме да го изградиме интерконекторот со нив. Финансирање имаме обезбедено, ЕБОР и ЕИБ практично ќе бидат финансиерите на овој проект, очекувам договор и веќе на пролет да почне да се гради, но тоа не би значело ништо доколку не биде во фаза на развој и изградба и интерконекторот со Србија, рече Мицкоски.

Потенцира дека капацитетот на интерконекторот со Грција е 12 милијарди нормални кубни метри природен гас, а ние во земјава трошиме само 500 милиони нормални кубни метри.

-Целта е да се инвестира и потоа како транзитна држава да обезбедиме дополнителна опција на Централна Европа од нови 12 милијарди нормални кубни метри природен гас за покрај од Јужниот поток да има од каде добијат уште некои количини на гас, рече Мицкоски.

Нагласи дека очекува Украина во текот на зимата да влече голема количина на гас од Европа, со што, како што кажа, ќе се зголеми цената на природниот гас и додаде дека тоа зголемување мораме да го пречекаме подготвени и тоа не само годинава, туку и во годините што ќе следат и токму поради тоа се развиваат проектите за интерконективно гасно поврзување.

Вучевиќ, пак, најави дека до 2027 година ќе биде реализиран гасниот интерконектор меѓу двете земји и додаде од денеска практично почнуваат со негово проектирање, како и  дека до крајот на ноември Србија ќе ја пушти во употреба брзата пруга од Белград до Суботица.

-Очекуваме за три години својот дел од пругата да го направи и Унгарија и за три години да имаме извонредно брза пруга меѓу Белград, Нови Сад, Суботица и Будимпешта. Паралелно работиме на делот од Белград до Ниш и ќе продолжиме до Врање. Затоа сакаме официјално да ја чуеме пораката од Скопје како го гледаат коридорот 10 за да може понатаму да се гради пругата и кон границата со Северна Македонија. Добив уверување дека е тоа цел и на нивната влада така што ние ќе правиме брз пруга до границата, рече Вучевиќ.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

За четири до пет години, како што посочи, Србија ќе го заврши својот дел од работата со вклучен побавен дел од пругата во должина од 20 километри во делот на Грделичка клисура.

Премерот Мицкоски, пак, рече дека не гледа причина зошто до 2027 година не би бил изграден интерконекторот и додаде дека е убеден дека успешно ќе биде завршено она што денеска се почнува.

-Мора да имаме цел и таа цел да ја оствариме. Затоа не гледам причина зошто интерконеткорот не би бил готов до 2027 година. Со денешниот Меморандум за соработка во делот на енергетиката рударството и минералните суровини и двете влади се обврзаа дека тоа ќе претставува приоритет, посебно за нас. Гасниот интерконектор треба да биде приоритет и за Централна Европа, бидејќи ќе обезбеди опција за нови 12 милијарди нормални кубни метри природен гас кои сега ги нема. Со тоа ќе се намали зависноста од рускиот гас, имајќи предвид дека во Украина истекуваат или до крајот на годинава ќе истечат сите договори за транзит на руски гас и не се знае каква ќе биде понатамошната судбина со што единствената опција за Централан Европа останува Јужниот поток. Затоа за нас како две држави е главен приоритет гасниот интерконектор. За нас,пак, како држава е приоритет прво да го завршиме интеконекторот со Грција, а потоа и со Србија, потенцира Мицкоски.

Во делот на брзата пруга истакна дека земјава треба да ја заврши домашната задача – да реши дали ќе оди на постојната траса или ќе се гради на нова.

-Имаме концепт да влеземе во процес на финансирање, дизајн, проектирање, изградба и трансфер. Се обидуваме сега финансиски да го затвориме тој проект, а не само технички зашто немаме можност во Буџетот да го финансираме во следните години. Мислам дека успешно ќе го затвориме и откако ќе го утврдиме приоритетот, можеби ќе биде тема на некој од следните состаноци со српскиот колега. На тој начин ќе можеме заеднички со поддршка од Грција, Унгарија, Австрија и Словачка да обезбедиме средства за реализирање на овој коридор кој е ‘рбет на овој дел од Европа, потенцира Мицкоски.

Како опција на денешната средба во Скопје меѓу двата премиера беше посочено и поврзување на продуктоводот што го имаме со јужниот сосед и со северниот сосед за што премеирот Вучевиќ рече дека ќе биде разгледано како опција од српска страна.

- Реклама -