Помош за младите при купување свој дом, поддршка на лица кои ќе се вратат од странство, спречување одлив на мозоци…најави министерот за социјала

Зголемување на еднократната финансиска поддршка за прво и второ дете, како и еднократна финансиска помош за третородено дете и повеќе, финансиска поддршка за мајките кои се вратени од породилно отсуство, ин-витро постапка со можност секоја жена да добие до шест бесплатни оплодувања, „Дом за млади – купи куќа за младите“, поддршка за фирмите кои ќе вработат мајки на три или повеќе деца и програма „Добродојдовте дома“ за поддршка на лицата кои ќе се вратат од странство, како и за стимулирање на останување во државата, односно спречување на одливот на мозоци, најави денеска министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.

На прес-конференција по повод сработеното во првите 100 дена, Лимани информира дека Планот за демографија предвидува мерки за поттикнување на наталитетот.
-Сто дена Влада, значи сто дена посветеност. Затекнавме закочени проекти, неисплатени средства, демотивирани вработени, но, пред се, разочарани граѓани од целокупната состојба во државата. Сто дена не се многу, но во овој период направивме значајни промени кои го подобрија животот на граѓаните и тука нема да застанеме. Нашата цел е да ги задржиме младите дома, да ги поддржиме семејствата, да обезбедиме достојна старост за највозрасните сограѓани и да обезбедиме поддршка за ранливите, нагласи министерот.
Грижата за младите, посочи, се потврдува со поставување неколку стратешки цели: зголемено учество во носење одлуки на локално и централно ниво, младинска работа преку подготовка и донесување закон за младинска работа и зголемување на бројот на отворени сервиси за млади во општините, поддршка на млади талентирани лица, поддршка на младите во дeлот на нивното вработување,  и на ангажман во насока на целосно спроведување на Законот за младинско учество и младински политики.
 

Извор