Лимани: Барањето за излегување на „Вреди“ од Владата не знам дали ќе биде реалност и по четири години

„И денеска да се донесе одлука за излегување од Влада, ние до крај на работниот час треба да работиме за граѓаните, без разлика дали сме во Влада или не“, вели министерот за социјална политика, демографија и млади

Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади на денешната прес-конференција /
ФОТО: Фејсбук-профил на Фатмир Лимани

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани смета дека барањето на партиите од „Европскиот фронт“ за коалицијата „Вреди“ да излезе од владата и после четири години нема да биде реалност.

„Мислам дека ова е едно барање од опозицијата кое и после четири години не знам дали ќе биде реалност. И денеска да се донесе одлука за излегување од Влада, ние до крај на работниот час треба да работиме за граѓаните, без разлика дали сме во Влада или не“,

рече денеска Лимани, одговорајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата за сработеното во првите 100 дена.

На настанот по повод 100 дена од новата влада, насловена „100 дена скандали, потфрлања, омалуважувања“ лидерите на партиите во „Европскиот фронт“ упатија повик до претставниците на владиниот партнер „Вреди“ да ја напуштат „моноетничката, антиалбанска влада“ и да се приклучат кон нивната коалиција за „заедно да му ги покажат црвените линии на премиерот Христијан Мицкоски“.

Скендер Реџепи-Зејд, претседател на Народното движење ги повика од „Вреди“ да ја напуштат владата за која вели дека ја деалбанизира секоја институција и која го одзема правното и уставното право за вработување на Албанците, Турците, Бошњаците и сите други кои не се Македонци.

Министрите од „Вреди“, пак, изминатите денови прашани за коментар на барањето на „Европскиот фронт“ велат дека мнозинството е стабилно и дека ДУИ треба да се навикне да биде во опозиција.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат договор за одредени закони што се носат со двотретинско мнозинство бидејќи на партијата на Али Ахмети, како што вели, ѝ е многу важно да се одржи жива перцепцијата дека брзо ќе се врати на власт и токму затоа е спремна да гласа за сè што ќе биде потребно.

Тој, како што рече, не гледа можност за коалиција помеѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ оти владејачката партија неколкупати во минатото констатирала дека претходната влада, во чии рамки беше ДУИ, била крајно корумпирана.

Министерот за здравство Арбен Таравари прашан за став околу вчерашниот повик на Ахмети, кусо одговара дека лидерот на ДУИ полека се навикнува во опозиција и оти му е потребна адаптација.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека тоа што пратениците на ДУИ поддржуваат закони во Собранието, за кои е потребно двотретинско мнозинство, не значи какво било нивно приближување кон Владата.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, пак, пред неколку дена изјави дека не би го изненадило и за очекување му е дека во наредниот период ДУИ сигурно би станала дел од Владата.

- Реклама -