ДПИ: Со ограничување на маржата има намалување или зголемување на грамажата на производите, трговците го заобиколуваат законот за да остварат профит

Од донесувањето на Одлуката за ограничувањето на маржата до 10 отсто ДПИ извршил преку 500 надзори кај над 73 категории производи и издал над 30 прекршочни платни налози во вредност од над 4,3 милиони денари. За само еден ден, во четвртокот биле издадени прекршочни платни налози од над два милиони денари затоа што инспекторите затекнале празни рафтови и немање основни производи во дел од големите маркети

Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека е задоволен од намалувањето на цените на основните производи во одредени маркети, но и тој посочи дека во некои има и шпекулативно однесување

Горан Трајковски, директор на Државниот пазарен инспекторат на денешната прес-конфренеција / ФОТО: Принтскрин

Производи со намалена грамажа на полиците на маркетите откриле инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) откако стапи во сила владината одлука за ограничување на маржата, информираше денеска директорот Горан Трајковски.

Според него, трговците се обидуваат на секаков начин да го заобиколат законот и да остварат профит.

На денешната прес-конференција Трајковски презентираше и неколку млечни производи за кои рече дека се со намалена грамажа и не се со истатата количина што потрошувачите ги купувале пред мерката да стапи во сила.

„Разликата помеѓу 1 000 грамови и еден килограм е заштеда од околу 30 до 50 милиграми. Значи се оди на секаков начин се со цел да се профитира повеќе“,

рече Трајковски.

Тој вели дека во продажба треба да има и производи што се со помала илипоголема грамажа од таа што е опфатена со Одлуката, но сепак вели дека на полиците треба да ги има и кафето, лебот или киселото млеко што се со предвидената тежина.

„Не викам дека не треба да има 194-грамско кафе. Во Одлуката е опфатено 200-грамското, нека има и од 194, но мора да го има и тоа од 200 грама. Со Одлуката е опфатен и лебот од 450 грама. Има големи добавувачи, апелирам до нив, бидејќи имаат 470-грамски леб, да произведат и 450-грамски леб. Освен кај кафето и кај киселото млеко наоѓаме 300 грамско пакување, иако со Одлуката е опфатено 400-грамско“,

додаде тој.

Ваквите производи, како што рече Трајковски, можно е да бидат запленети. 

Инспекторите при контролите што ги правеле откако е во сила владината одлука многу често во маркетите наидувале и на празни полици со прозиводите што се опфатени со Одлуката.

Трајковски најави дека и во периодот што следува ќе има строги казни за трговците.

„Ќе казнуваме, за никого нема да има компромис, законот ќе важи и мора да важи за сите. Им порачувам и на трговците на мало и на трговците на големо, да не се обидуваат да ги заобиколуваат законите за да не ја почитуваат Одлуката. Тоа нема да го дозволиме. Мора да имаме правичен систем и секој што сака да е дел од него е добредојден, но секој што ќе се обиде да го заобиколи, ќе биде најстрого казнет. И денеска имаме екипи на терен, а за грамажата ќе се консултираме и со АХВ. Ќе постапуваме најригорозно, зашто навистина има обиди да се заобиколат законите“,

додаде тој.

Според него, големите маркети и со Одлуката за маржите успеваат да остварат профит, па оттука е најасно зошто се обидуваат да ги заобиколат законите.

„Тие се десет милиони евра во добивка и покрај замрзнувањата и намалувањата. Не знам зошто ова го прават кога пак ќе остварат профит“,

рече директорот на ДПИ.

Тој денеска ги изнесе и бројот на контроли што биле извршени, како и казните што биле издадени.

Од донесувањето на Одлуката за ограничувањето на маржата до 10 отсто ДПИ извршил преку 500 надзори кај над 73 категории производи и издал над 30 прекршочни платни налози во вредност од над 4,3 милиони денари.

За само еден ден, во четвртокот биле издадени прекршочни платни налози од над два милиони денари откако претходниот ден инспекторите утврдиле дека трговците на мало, големите ланци маркети, имаат празни рафтови и не се снабдени доволно со количините призводи како што е наведено во Одлуката.

„Тоа нема да го дозволиме. Се додека сум директор на ДПИ, им порачувам на трговците на мало и на големо, да не се обидуваат да ги заобиколуваат законите за да не ја почитуваат Одлуката. Имам информации и дека неколку големи ланци маркети вршат големи притисоци врз добавувачите како да ги заобиколат законите и да остварат профит. Добравувачите да не потклекнуваат на притисоците што ги вршат неколку од големите маркети за да ги заобиколат законите и да не ја почитуваат Одлуката“,

додаде Трајковски. 

Тој упати и апел до трговците доколку имаат простор да ги намалат цените и на другите производи освен оние што се опфатени со Одлуката за маржите.

Владата на 20 септември годинава ја донесе Одлуката за ограничување на бруто профитната маржа до 10 отсто со која се опфатени повеќе од 70 основни прехранбени производи како леб, пекарски и млечни производи, млеко, месо и преработки од месо, дел од конзервните производи, овошје, зеленчук и тие нема да смеат да поскапат до 31 октомври.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека е задоволен од намалувањето на цените на основните производи во одредени маркети, но и тој посочи дека во некои има и шпекулативно однесување.

Мицкоски истакна дека и мерката намалување на маржата на училишниот прибор каде дел од производите се намалиле од 25 проценти влијаела врз животниот стандард на граѓаните.

Мицкоски рече и дека инфлацијата во август била 2,2 проценти, за разлика од пред една година кога стапката на инфлација била повеќе од 20 проценти.

„Ќе ми дозволите да кажам дека стапката на инфлација во август е 2,2 проценти. Пред една година стапката на инфлација беше повеќе 20 проценти, тоа беше директен удар врз стандардот на граѓаните. Значи сега имаме ниски цени, инфлација која што е најдобра во регионот и една од најдобра во Европа и уште повеќе ќе правиме, ќе носиме мерки и политики за да ја намалиме уште повеќе инфлацијата. Се сеќавате претходната влада кажуваше дека инфлацијата е увезена, иако таа во тој момент беше два пати повисока од инфлацијата во Европската унија“,

посочи Мицкоски.

- Реклама -