Осмото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Отело“ во Гостивар стартува во понеделник

Гостивар по осми пат ќе биде домаќин на повеќе театари од земјава и странство во рамки на Меѓународниот театарски фестивал „Отело“. Манифестацијата почнува во понеделник (7-ми октомври) , а на отворањето публиката ќе може да ја проследи претставата „Итроштините на Патук“ на Тетовски театар.

Во рамки на фестивалските вечери ќе бидат изведени уште пет претстави на театри од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Грција.
„Со големо задоволство го најавуваме осмото издание на театарскиот фестивал „Отело“ во Гостивар. На нашето отворање, 7 октомври, гостува тетовскиот театар, следната вечер ни гостува националиот театар од Тирана, на 9-ти гостува Драмски театар од Скопје со преставата „Парови“, на 10-ти октомври ни гостува Народниот театар Сараево, на 11-ти ни гостува театарот од Лариса и последната вечер театарот од Урошевац“, рече на денешната прес-конференција, Ѓорѓи Нешкоски, дел од организацијата.
Меѓународниот театарскиот фестивал „Отело“ традиционално доделува награди во неколку категории.

„Фестивалот секоја година доделува четири награди, за кои одлучува стручно жири. Наградите се: најдобра претстава, режисер, актер и актерка.“, кажа Берат Салиу, продуцент на фестивалот.
„Отело“ го организира истоименото здружение од Гостивар, со поддршка од Министерството за култура, Општина Гостивар и Центарот за култура АСНОМ.
Фестивалот ќе трае до 12-ти октомври. Сите претстави се играат на сцената на Центарот за култура со почеток во 20 часот, а влезот е бесплатен.

Извор