Струмичани ќе можат да се снабдат со вода за пиење од апарати и канистри поставени низ градот

Од струмички „Комуналец“ велат дека во секој канистер водата за пиење и нејзиниот кавалитет редовно ќе се контролира од акредитирана лабораторија на Центарот за јавно здравје во Струмица

Жителите на Градот Струмица заедно со уште шест населени места во рамки на Општината од денеска со вода за пиење ќе се снабдуваат преку 25 апарати поставени во сите училишта и градинки. Обезбедени се и 25 канистри со вода за пиење што 24 часа ќе бидат распоредени низ улиците на градот, информираат од струмичкото комунално претпријатие ЈПКД „Комуналец“ Струмица.

Обезбедени се и 25 канистри со вода за пиење што 24 часа ќе бидат распоредени низ улиците на градот / Фото: ЈПКД „Комуналец“ Струмица

„Канистрите за вода ќе бидат поставени кај Градската болница, резерворарот на ‘Свети Петнаесет‘, амфитеатарот во Градскиот парк, кај поранешната дирекција на ‘Комуналец‘ на улицата ‘24 Октомври‘, како и на булеварот „Свети Климент Охридски‘“,

информираат од „Комуналец“.

По два часа во текот на денот ќе има поставени канистри со пивка вода на повеќе локации низ градот.

Обезбедени се и 25 канистри со вода за пиење што 24 часа ќе бидат распоредени низ улиците на градот / Фото: ЈПКД „Комуналец“ Струмица

Во шесте населени места, како Дабиле, Градско Балдовци, Водоча, Просениково, Баница и Добрејци апарати со вода за пиење ќе биде поставени од 7 до 19 часот.

Од струмички „Комуналец“ велат дека водата за пиење во секој канистер редовно ќе се контролира од акредитирана лабораторија на Центарот за јавно здравје во Струмица.

Веќе петти ден е забрането да се користи водата за пиење од градската водоводна мрежа во Струмица. Водата може да се користи единствено како техничка.

Според локалните власти, главен проблем за оваа ситуација е квалитетот на техничката вода што од браната „Турија“ се испорачува до фабриката што ја прочистува. Резултатите покажале присуство на манган повеќе од дозволеното.

Градоначалникот на Струмица денеска објави дека додека не се реши проблемот предложил до менаџментот на „Комуналец“ да се намали цената на водата од 33,9 на 7, 75 денари по метар кубен.

- Реклама -