Касем: Хезболах е подготвен за израелската копнена инвазија врз Либан

Заменик шефот на Хезболах, Наим Касем, во своето прво обраќање откако израелската армија минатата недела го елиминира лидерот Хасан Насрала, изјави дека движењето е подготвено да се спротивстави на израелската копнена инвазија врз Либан.

– Израел нема да ги реализира своите цели. Ќе се соочиме со која било можност и подготвени сме ако Израелците одлучат да влезат (во Либан) по копнен пат, а силите на отпорот се подготвени за борба на копно, посочи Касем.

Тој додаде дека Хезболах во „првата прилика“ ќе избере наследник на убиениот Насрала.

Според Касем, Хезболах продолжува со операциите и постапува по претходно усвоените планови. Тој досегашните напади ги опиша како „минимални“, а предвидува дека би можела да потрае војната против Израел.

Прочитајте и:  Блинкен: Светот е побезбеден без „бруталниот терорист“ Насрала

Претходно, израелските и западни медиуми објавија дека се поизвесна е израелската копнена офанзива во Либан. Неименуван безбедносен извор изјави дека иако сè уште не е донесена политичка одлука, но израелската армија (ИДФ) привршува „значајни операции“ како подготовка за копнена инвазија врз јужен Либан.

– Целта на копнените маневри е да се уништат целите, но и да се проектира моќта на Израел и ИДФ на Блиски Исток, особено врз Хезболах, истакна тој.

Според процена на Израел мрежата на тунели на Хезболах долга е неколку стотина километри. Се претпоставува дека Хезболах ги користи тунелите за влез во Израел, иако дел од нив се уништени во 2019 година од страна на израелската армија.

- Реклама -