Бајден ја оцени смртта на лидерот на Хезболах како „мерка за правда“, но повика на деескалација

Американскиот претседател додаде дека САД се обидуваат да ги деескалираат актуелните конфликти во Газа и во Либан преку дипломатски средства и работат на договор за прекин на огнот и враќање на луѓето во своите домови

Претседателот на САД, Џо Бајден, ја опиша смртта на лидерот на либанската милитантна група Хезболах, Хасан Насралах, како „мерка за правда за неговите многубројни жртви“, велејќи оти меѓу нив се вклучени илјадници американски, израелски и либански цивили.

Американскиот претседател Џо Бајден / Фото: EPA-EFE/EVAN VUCCI / POOL

Американскиот претседател истовремено повика на деескалација на конфликтите на Блискиот Исток и рече дека му наредил на Пентагон да ја зајакне одбранбената положба на американските воени сили во регионот за да спречи ескалација на конфликтот и да го намали ризикот од поширока регионална војна.

Додаде дека САД се обидуваат да ги деескалираат актуелните конфликти во Газа и Либан преку дипломатски средства и работат на договор за прекин на огнот и враќање на луѓето во нивните домови.

Во изјавата, Бајден додаде оти САД целосно го поддржуваат правото на Израел да се брани од Хезболах, Хамас, хутите и „секоја друга терористичка група поддржана од Иран“.

- Реклама -