Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, нападнат од непознати лица додека излегувал од скопски ресторан

Од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го потврдија настанот за „360 степени“, додека од МВР засега нема информација за случајот

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, вечерва бил нападнат од неколку непознати лица додека излегувал од ресторан во Скопје.  

Случајот за „360 степени“ го потврдија од ФФМ, од каде што велат дека Сејдини во моментов се наоѓа во полициска станица, каде дава изјава за нападот.  

„Во моментов претседателот на ФФМ е во полиција. Напуштајќи го ресторанот, каде имал состанок, бил нападнат од непознати лица облечени во дуксери“,

ни изјавија од Службата за односи со јавноста на Фудбалската федерација на Македонија.  

Оттаму не можеа да кажат повеќе детали за случајот, како и за здравствената состојба на Сејдини, односно дали напаѓачите му нанеле посериозни повреди. 

Велат дека тоа ќе биде познато по завршувањето на процедурите во полицијата и по лекарскиот преглед.  

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) засега нема информација за случајот.   

- Реклама -