Мицкоски: Унгарија е силен поддржувач на проширувањето на ЕУ и наше полноправно членство

Унгарија отсекогаш била силен поддржувач на проширувањето на Европската унија и нашите аспирации за полноправно членство, заклучи премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција во Охрид со унгарскиот колега Виктор Орбан.

Посочи дека двете држави имаат заедничката визија за интегриран Балкан, каде сите земји од регионот ќе бидат дел од големото европско семејство.

– Оваа визија не се однесува само на политичките и економските интеграции, туку и на нашата заедничка културна и историска врска, која е клучна за стабилноста на целиот Балкански Полуостров. Верувам дека со поддршката на Унгарија и другите наши сојузници, Балканот ќе го заземе своето заслужено место во Унијата, рече Мицкоски.

Македонскиот и унгарскиот народ, нагласи тој, ги врзува длабоко вкоренето пријателство и заемна почит.

– Низ годините, нашите народи покажаа дека и покрај географската оддалеченост, заедничките вредности и визии се, исто така, клучни за градење на силни односи. Унгарија секогаш нè поддржувала, како во тешките времиња, така и во напорите за нашата европска интеграција. Денес, преку конкретни иницијативи и договори, тоа пријателство продолжува да се зацврстува, создавајќи солидни основи за идната наша заедничка соработка, додаде Мицкоски.

Историјата, подвлече, сведочи за нашиот заеднички стремеж кон мир, просперитет и соработка.

– Унгарија во минатото беше еден од првите наши партнери кој ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет. Со години наназад, политичките и економските врски меѓу двете земји се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво. Унгарија е не само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција, истакна македонскиот премиер.

Прочитајте и:  Мицкоски: Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот, ќе се покаже кои се пратениците

На денешната тет-а-тет средба со унгарскиот колега, информира дека разговарале за повеќе тему од билатерално и регионално значење.

– Споделуваме заедничка визија за регионалната стабилност и економскиот просперитет, а денешните разговори беа фокусирани на конкретни проекти кои ќе го поттикнат развојот на нашите општини и бизниси. Дискутиравме за стратешки проекти како Север-Југ транспортниот и енергетскиот коридор, којшто го поврзува Балканот со Унгарија, кој е од огромно значење за енергетската сигурност и економскиот раст на целиот регион, а нашата соработка со Унгарија ќе биде клучна за успешна имплементација на овие иницијативи. Унгарија е пример за тоа како силните билатерални односи и заедничката визија можат да донесат конкретни резултати, заклучи Мицкоски.

Посетата на премиерот на Унгарија во земјава очекува дека ќе придонесе за уште посилно партнерство и за нови можности за соработка, кои ќе ги оствариме во интерес на граѓаните.

Претходно делегациите на двете земји одржаа меѓувладина седница, а беа остварени и билатерални средби меѓу ресорните министри од двете влади.

- Реклама -