Владата и ВМРО-ДПМНЕ немаат право да ја блокираат иднината на земјата во ЕУ, вели Филипче

„Намерно ги влошија односите со Бугарија со едни несоодветни изјави, за што сега бугарското Собрание носи нова декларација. Сметам дека нема никаква логика. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски немаат право да ѝ го прават ова на државата“, вели лидерот на СДСМ

Државноста, идентитетот, културата, јазикот, се тоа е гарантирано и со Преспанскиот договор и со Договорот за добрососедство со Бугарија и се влезени во општиот дел на преговарачката рамка со ЕУ, вели претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) Венко Филипче.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ треба да сфати дека не може да има нови нерационални барања од Бугарија, бидејќи, како што вели, ЕУ е гарантот дека преговорите ќе почнат штом се направат уставните измени.

„ВМРО-ДПМНЕ треба да го сфати и да не ја блокира земјата поради тоа. Тоа право го немаат. Очигледно е дека има некаква скриена агенда. Не може едно да зборувате за време на кампања, а друго сега“,

рече Филипче во вечерашното гостување во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Во однос на одлуката на амбасадорите на земјите членки на ЕУ, патот на Албанија за пристапување во Европската Унија да биде одвоен од Северна Македонија, а првиот преговарачки кластер официјално да биде отворен на 15 октомври, Филипче вели дека Албанија седнала со Грција и го решила билатералното прашање.

„Албанија седнала со Грција и го решила билатералното прашање. Што направија премиерот и вицепремиерот кај нас? Намерно ги влошија односите со Бугарија со едни несоодветни изјави, за што сега бугарското Собрание носи нова декларација. Сметам дека нема никаква логика. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски немаат право да ѝ го прават ова на државата“,

додаде Филипче.

Претседателот на СДСМ рече дека најавата за едностраното прекинување на преговорите со ЕУ од страна на премиерот Христијан Мицкоски, ја зголемува желбата за интензивно занимавање со политиката.

На новинарска забелешка дека Европската Унија ги прекинува преговорите, а не Владата, Филипче рече дека тоа не е точно бидејќи според него ЕУ со ништо не ги сменила ставовите и барањата.

„Ние имавме услови коишто требаше да ги исполниме. Ги имавме и претходно и тие беа сосем солидно направени услови во рамките на францускиот предлог“,

рече Филипче.

Според него, со ова е „разобличена лагата на ВМРО-ДПМНЕ со која дојде на власт, дека ќе ги подобрат условите за преговарање со ЕУ, дека ќе го подобрат Францускиот предлог“.

„Сега според кажувањето на премиерот излегува дека ако ова е диктат, нема понатаму. Ние не гледаме ниту една иницијатива да се подобрат тие услови за преговарање. Што направи премиерот освен што ги влоши билатералните односи со Грција? Понатаму со Бугарија, после изјавите на вицепремиерот Николоски, бугарското Собрание усвојува деклација во која што кажува дека било која влада натаму нема да има право да ги смени условите за преговарање“,

рече Филипче.

Опозицискиот лидер им порача на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да сфатат дека не се опозиција и оти треба да работат за државата и граѓаните и дека немаат право да си играат со иднината на државата и со луѓето кои живеат тука.

Во интервјуто Филипче одговараше и на прашања околу од 500 милиони евра кај унгарската експорт-импорт банка. Тој презентираше документ според кој претходната влада веќе преговарала за заем од  Светска банка по многу поповолни услови за разлика од каматната стапка на кредитот што владата на премиерот Христијан Мицкоски го договори со Унгарија и премиерот Виктор Орбан. 

Она за што Филипче рече дека е симптоматично е дека не постојат никакви контролни механизми, ниту во законот ниту во договорот за заем со Унгарија. 

„Во Законот за заем, во член 1 пишува дека Владата на Република Северна Македонија се задолжува кај унгарската Експорт-импорт банка со заем во износ од 500 милиони евра за буџетско финансирање и за финансирање на општи цели. Никаде не стои општини, ниту се наведени компании. Ние не знаеме за што се наменети тие пари“,

додаде Филипче.

За посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Филипче рече дека е иронична затоа што се случува токму на денот кога амбасадорите на земјите членики на ЕУ одлучија Албанија да се одвои од Северна Македонија на патот за пристапување во Европската Унија.

„Каква иронична ситуација, да дојде да не посети претседавачот со Европската Унија на денот кога нашиот премиер Христијан Мицкоски кажува дека не продолжуваме со преговори со ЕУ. Сега единствено нешто за што ќе зборуваат Орбан и Мицкоски се зделки во однос на кредитот. Политички нема што да се зборува“,

рече Филипче.

- Реклама -