(ФОТОГАЛЕРИЈА) Орбан пристигна во Охрид, го пречека голема владина делегација

Мицкоски и Орбан утре ќе имаат средба, по што е планирано одржување на меѓувладина седница

Премиерите на С Македонија и Унгарија, Христијан Мицкоски и Виктор Орбан на охридскиот аеродром / ФОТО: Влада на РСМ

Унгарскиот премиер Виктор Орбан со 10-тина министри попладнево пристигна во Охрид, каде утре ќе има тет-а-тет средба со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски.

Пристигнувањето на Орбан на охридскиот аеродром беше пречекано од речиси целиот македонски владин состав.

Мицкоски и Орбан утре ќе имаат средба, по што е планирано одржување на меѓувладина седница.

За време на посетата на унгарската делегација на земјава планирани се и билатерални средби меѓу членовите на владите.

На маргините на дводневната посета, предвидена е и прошетка во Охрид, посета на црквата „Богородица Перивлепта“, Античкиот театар и манастирскиот комплекс „Свети Наум“, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид. 

За посетата на Орбан, премиерот Христијан Мицкоски информираше на својот фејбук-профил.

„Горди на можноста да ја зајакнеме соработката помеѓу нашите две земји. Веруваме дека оваа посета ќе отвори нови патишта за економска и културна размена и ќе ја зајакне нашата пријателска врска. Очекуваме плодни разговори и заеднички иницијативи“,

напиша Мицкоски на Фејсбук.

Посетата на Орбан во земјава е по повеќе од 10 години откако во 2013 година беше одликуван со Орден „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија.

Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.

Унгарскиот премиер доаѓа и само неколку дена откако во македонското Собрание беше изгласан Законот за задолжување од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка.

- Реклама -