Промоција на стихозбирката „Модра мрежа“ од Марина Икономова Шокева

Промоцијата на стихозбирката „Модра мрежа“ од Марина Икономова Шокева, издание на ПНВ Публикации, ќе се одржи в петок, 27 септември, од 19:30 часот во кафе-книжарницата „Буква“. Промотор ќе биде Снежана Стојчевска, којашто ќе чита и стихови заедно со авторката и со Д. А. Лори. На промоцијата ќе биде претставена и видеопоезија според стиховите на Шокева, дело на Дамјан Шокев.

 ‒ „Модра мрежа“ е интроспекција на душевните доживувања пренесени преку два спротивставени поетски јазика, натурал­на наспрема урбана поезија, метафорите наспрема директните поетски слики од секојдневното живеење, ќе истакне Снежана Стојчевска.

Додека, пак, Јулијана Величковска ќе рече: „Песни за оние што во животот се прпелкаат со зината уста, обидувајќи се да ја вдишат или да ја вкусат, барем за миг, слободата што секогаш се чини толку блиску, речиси на дофат, но едновремено недостижна и далечна, заради сите невидливи мрежи што ни ги сплела судбината и заради кои и во сопстве­ното (женско) тело ни е особено тесно.“

               Марина Икономова Шокева (Охрид, 1966) дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Авторка е на стихозбирките: „Слики од бунарот“ (2017, Ѓурѓа), „Директни обраќања“ (2019, ПНВ Публикации), „Светот и јас“ (2021, ПНВ Публикации) и „Модра мрежа“ (2024, ПНВ Публикации). Нејзини песни се објавени во неколку поетски алманаси и литературни печатени и електронски списанија во Македонија, во Србија, во Босна и Херцеговина и во Црна Гора, а на англиски јазик, нејзина песна е објавена на страницата на фестивалот „Ледбери поетри фестивал“. Застапена е и во „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ (2023, Поетска ноќ во Велестово). Во 2019 г. на онлајн натпреварувањето во Италија “Quando e la vita ad invitare”, добила втора награда во странската конкуренција. Истата година добитник е и на специјалната награда „Антево слово“ во Сицилија, Италија. Учествувала на поетски читања во земјава и во регионот. Таа е еден од уредниците на списанието за култура, литература и други уметности „(е)Лит“.

- Реклама -