Раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија е тежок пораз на политиките на Владата, вели Филипче

Раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија е тежок пораз на политиките на Владата на планот на европската интеграција на државата, изјави на прес-конференција лидерот на СДСМ Венко Филипче, откако амбасадорите на државите-членки на ЕУ вчера донесоа одлука Албанија да ги продолжи преговорите и да се раздвои од Северна Македонија на патот кон Европската Унија.

-Со оваа одлука станува јасно дека Албанија ќе добие зелено светло за продолжување на втората фаза за преговори со ЕУ и отворање на првиот Кластер. Раздвојувањето е огромна катастрофа за иднината на граѓаните. За жал по оваа нова пропуштена шанса, ќе се одрази на многу семејства, и на уште една цела нова генерација, рече Филипче, додавајќи оти „ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива“.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски на граѓаните им сервирале една голема изборна измама и оти преку куп лаги и манипулации тие се обиделе да ја скријат вистинската намера, а вистинската намера е, како што рече Филипче, дека ниту имаат план, ниту сакаат државата да напредува и да се развива во и кон ЕУ.

-ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со една голема лага дека ќе направат се за да ја подобрат позицијата на Македонија во однос на почетокот на преговорите. За жал од сето тоа што го најавуваа, не гледаме никаков обид нешто да се направи. Ако било што успее да се направи и да се подобри нашата позиција во процесот на преговори, ние тоа ќе го поддржиме. Но нашите информации од состанокот во Брисел на премиерот со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, на премиерот јасно му било кажано дека ништо во Преговарачката рамка не може да се промени, и дека не можат да се спроведат уставни измени со одложено дејство, нагласи Филипче.

Тој ја запраша власта кој е планот и кои се роковите за евроинтеграциите.

-Кои се роковите на планот, ако воопшто го има? До кога нема да преземате одговорност и чесно да кажете што ќе се случува со оваа земја? Сега Македонија останува изолирана без јасен план и стратегија, како ќе продолжиме напред. За само сто дена, Владата ја закопа последната надеж, дека тука некогаш подобро ќе се живее. Политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои служат само за ширење на популизам и лажен патриотизам, носат само меѓународна изолација, економска стагнација и внатрешни тензии, рече тој.

Лидерот на СДСМ нагласи дека за првпат по 30 години откако државата го започна својот пат кон ЕУ, Владата сама себе се блокирала.

-Стравот од кои било идни блокади е сам по себе блокада. Мицкоски ги блокира граѓаните и напредокот на државата, додека сите не плаши со некакви идни можни блокади. Овој апсурд не е виден никогаш во политичката историја, но и се повторува периодот од 2008 година кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Тогаш од лидери на евроинтеграции, сега паднавме на последно место. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се цунами за Македонија. Влада без чувство за одговорност, лидерство, грижа и за граѓаните, рече Филипче.

Најголема трагедија, според него, е што ВМРО-ДПМНЕ сака повторна билатерализација на европските преговори и спорот со Бугарија.

-Треба на сите да им е јасно – спорот со Бугарија не беше веќе билатерален. Со тешки маки успеавме од таков, да го внесеме во рамки на преговорите. Ние веќе не преговараме со Бугарија, туку со ЕУ. Целта е повторно да се отвори билатерален проблем. Како планира Мицкоски со реторика на карање и конфликти да обезбеди подобри услови со Бугарија во билатерална комуникација? Свесен ли е дека ќе добие само полош договор. Свесен е но тоа очигледно е и целта, оцени Филипче.

Тој изрази уверување дека со промена на Уставот што е понатамошен услов во Преговарачката рамка ништо нема да изгубиме.

-Напротив, ќе добиеме. Тоа е единствениот начин да се заштитиме од натамошни барања и уцени. Тоа е единствениот начин веќе за секој проблем со кој ќе можеме да се соочиме во иднина, да биде решаван во рамки на ЕУ, пред сите членки, а не само Бугарија. Тоа е начинот да нема веќе билатерализација на проблемот. Со почеток на разговорите ние веќе никогаш да преговараме со Бугарија, туку со ЕУ. И тоа е гаранција за нашиот пат кон членство, истакна претседателот на СДСМ.

- Реклама -