Тренчевска: Наместо намалени, имаме зголемени цени на храна, мерките на Владата се задоцнети и немаат ефект

„Граѓаните не осетија подобрување на животниот стандард и додека во Србија и Црна Гора се намалија цените на 700 производи, кај нас се намалуваат маржи на едвај 70 производи. Кога СДСМ беше на власт, беа намалени цените на 500 производи, а за подобар животниот стандард на граѓаните воведовме пакет антикризни мерки“, посочи пратеничката на СДСМ

Владата помпезно најавуваше дека ќе се намалат цените на производите во маркетите, но освен еден вид леб, чија цена е намалена за еден денар, на другите производи нема намалување, изјави денеска во дебатната емисија „Отворено“ на ТВ 24, пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска.

„Наместо намалени цени, имаме зголемени цени на храна за 717 денари и ова е уште една потврда дека мерките на владата на Мицкоски се задоцнети и немаат ефект. Граѓаните не осетија подобрување на животниот стандард и додека во Србија и Црна Гора се намалија цените на 700 производи, кај нас се намалуваат маржи на едвај 70 производи. Кога СДСМ беше на власт, беа намалени цените на 500 производи, а за подобар животниот стандард на граѓаните воведовме пакет антикризни мерки.  ДПМНЕ освен да манипулира, нема никаква идеја и води погрешна економска политика од која граѓаните немаат никаква корист“,  

рече Трнчевска.

Повеќе од 70 прехранбени производи од вчера требаше да почнат да се продаваат со ограничена профитна маржа од 10 отсто, одлука која беше донесена на владина седница, а е објавена во „Службен весник“. Во списокот за есенската кошничка се наоѓаат производи од пекарската, месната, млечната и кондиторската индустрија, како и овошје и зеленчук и тие нема да смеат да поскапат до 31 октомври.

„360 степени“ вчера изутрина направи обиколка во дел од синџирите маркети со цел да видиме дали цените се менуваат. Во четири маркети, каде што влеговме, можеше да се забележи дека има намалено цени на повеќе производи од списокот. Но, во маркетите, покрај намалената цена, не ја забележавме ознаката „Помалку трошоци, повеќе за тебе“. Со овој натпис, според одлуката, трговците треба јасно да ги одбележат производите.

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), објавувајќи ја пресметката на синдикалната кошничка, рекоа дека на едно четиричлено семејство во септември му биле потребни 61 306 денари, што е зголемување за 107 денари споредено со август. Тоа, како што велат оттаму, укажува дека трговците во текот на месецот ги искористиле најавите за воведување на ограничени маржи на основните прехранбени производи.

На тој начин, како што оценија од ССМ, трговците си осигуруваат зголемени цени на производите во наредниот период кога во сила ќе биде владината одлука за ограничени маржи, на штета на граѓаните.

ССМ: Трговците ги зголемија цените на основните производи пред ограничување на маржите

- Реклама -