Совет Гостивар: Донесен ребаланс на буџетот и План за вработување во општината за 2025 година

Советот на Општина Гостивар на денешната седница го усвои првиот ребаланс на буџетот за 2024-та година. Во образложението пред советниците, од Секторот за финансии и буџет истакнаа дека ребалансот се прави по добиени насоки од Министерството за финансиии, со зголемување во одредени ставки.

„Зголемување има во делот на трансфери и дотации, самофинансирање на градинки, основни и средни училишта, даночни приходи, капитални расходи…“, рекоа меѓу другото претставници од буџетскиот сектор.
Советници од опозициската ДУИ реагираа дека ребалансот бил задоцнет и без визија.
„Овој ребаланс е задоцнет, со оглед дека сега е крај на септември и Секторот за финансии веќе треба да има подготвено буџет за следната година, а не да се занимава со ребаланс. Општината и јавните претпријатија имаат долгови, а се носи ребаланс кој крера дополнителен долг од 750 илјади евра. И зошто финансиите за јавна чистота остануваат исти, не се предвидува покачување, а гледаме дека градот секој ден е сѐ понечист. Овој ребаланс наместо да е развоен, повеќе е административен“, рече советникот Азис Даути од ДУИ.
Критикуваше и советникот Лек Далипи од истата партија.
„Буџетот стана извор на фрустрации и испуштени шанси. Нема визија. Клучните сектори недоволно се финансираат. Ова е буџет полн со неефикасност и расипништво“, кажа Далипи.

Претседателот на Советот, Намик Дурмиши пак, повика да не критикува сѐ заради „политички поени“.
„Не е сѐ така црно како што сакате да го прикажете. Јас се ставам во служба на граѓаните и општината 24 часа и знам дека има кревања и падови, не е сѐ така совршено, но треба да бидеме реални, а не да зборуваме за „политички поени“. Што се однесува до чистотата, сите треба да бидеме повнимателни, реално е дека се фрла ѓубре насекаде. Секој од нас треба да придонесе за подбра хигиена“, истакна Дурмиши.
Ребалансот беше усвоен со 16 гласа За, 8 Против и 3 Воздржани. Како што најавија од Секторот за финансии и буцет, ќе следува и втор ребаланс, со оглед на најавите од Владата за распределување средства за проекти на општините.
На седницата се изгласа и Планот за вработување во општина Гостивар за 2025-та година. Според даденот образложение предвидени се 15 вработувања кои ќе се реализираат преку јавен конкурс, додека 4 вработени ќе исполнат услови за пензија.
 
 

Извор