Мицкоски: Албанскиот јазик не е загрозен, лично го почитувам и тоа го покажуваме со дела

Мислам дека немаме отворени прашања на тоа ниво со Албанија и тоа се вештачки теми, изјави премиерот Христијан Мицкоски прашан за коментар за изјава во однос на албанскиот јазик од претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали, која вчера престојуваше во земјава.

На новинарско прашање како ја коментира изјавата на Спиропали дека „ако се загрозува албанскиот јазик, се загрозува и идентитетот на Албанците во Македонија“. Мицкоски рече дека не знае за таа изјава, но дека лично го почитува албанскиот јазик, дека тој во државава не е загрозен, туку е и надграден.

-Тамам работа. Ние не сме како одделни земји членки коишто сакаат да го загрозуваат идентитетот на другите народи. Ние немаме таква намера. Напротив, го почитуваме тој идентитет и посебноста на албанскиот јазик, македонскиот јазик и сите останати јазици кои ги користат граѓаните во Македонија. Јас лично ги почитувам. На прославата на 2 Август оваа година на Мечкин Камен, Манифестот беше прочитан и на албански јазик, не само на македонски јазик, така што ние не зборуваме, ние со дело покажуваме. Има политичари кои зборуваат, а ништо не прават, јас сум од оние политичари кои покажуваат со дела и апсолутно го почитувам албанскиот јазик. Секоја година го честитам Денот на албанската азбука – 22 Ноември. Градоначалникот на Битола, кој е од ВМРО-ДПМНЕ, вчера и посака добредојде во Битола на претседателката на албанскиот Парламент токму во една таква институција која е значајна за албанскиот јазик. Така што, не само што не е загрозен, туку и е надграден… Мислам дека немаме отворени прашања на тоа ниво со Албанија и тоа се вештачки теми кои завршуваат како што беше и мојот одговор, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставување камен-темелник за изградба на спортска сала во ОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во населбата Хром.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

Додаде дека тој повеќе би се интересирал за заштитата на македонскиот јазик, „не само кај нас, туку насекаде во регионот каде што има Македонци кои го користат  својот мајчин македонски јазик“.

-Исто така, очекувам наскоро да заминам и во Мала Преспа помеѓу нашинците таму и да разговараме на нашиот мајчин македонски јазик,  да поделиме литература на нашиот мајчин македонски јазик од македонски автори, рече Мицкоски.

Во однос на вчерашната посета на Спиропали, премиерот истакна дека имале коректна средба на која, како што рече, разговарале за добрите односи помеѓу двете држави.

-Албанија многу подоцна од нас ќе го почне, би рекол, патот кон приклучување кон Европската Унија. Нашата сага трае повеќе од две и пол децении. Среќа нивна е што тие немаа таков тип на опструкции какви што имавме ние во изминативе две и пол децении. Јас им посакувам  многу среќа на тој пат. Можеби еден ден патиштата повторно ќе ни се обединат и заедно ќе станеме дел од европското семејство, нешто што претставува генерациска желба и на граѓаните тука, кај нас во Македонија, и на граѓаните во Албанија, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

- Реклама -