Се менуваат цените во супермаркетите по владината одлука за намалени маржи

Забележливо беше како вработените со испечатени етикети утрово ги менуваа цените. Но, во маркетите, покрај намалената цена, не ја забележавме ознаката „Помалку трошоци, повеќе за тебе“

ФОТО: „360 степени“

Повеќе од 70 прехранбени производи од утринава треба да се продаваат со ограничена профитна маржа од 10 отсто, одлука која беше донесена на владина седница, а од вчера е објавена во „Службен весник“. Во списокот за есенската кошничка се наоѓаат производи од пекарската, месната, млечната и кондиторската индустрија, како и овошје и зеленчук и тие нема да смеат да поскапат до 31 октомври.

„360 степени“ утринава направи обиколка во дел од синџирите маркети со цел да видиме дали натписот веќе е поставен.

Во четири маркети, каде што влеговме, можеше да се забележи дека има намалено цени на повеќе производи од списокот. Забележливо беше како вработените со испечатени етикети утрово ги менуваа цените. Но, во маркетите, покрај намалената цена, не ја забележавме ознаката „Помалку трошоци, повеќе за тебе“. Со овој натпис, според одлуката, трговците треба јасно да ги одбележат производите.

Дел од вработените кога ги прашавме зошто ги менуваат етикетите рекоа дека е заради владината одлука и додаваат дека од утринава имаат сменето над 400 цени и дека има уште за намалување.

За воведувањето на мерката денеска премиерот Христијан Мицкоски рече дека очекува тоа што е договорено да биде и почитувано.

„Мерката треба да стартува денеска и очекувам намалување за најмалку 10 отсто и оваа мерка ќе трае некаде до крајот на октомври и со неа околу 70 производи се намалени. Во иднина ќе продолжиме да ја ажурираме оваа листа во зависност од потребите на граѓаните. Производите не се резултат на шпекулативна мерка туку на анализа и теренски анкети водени со граѓаните за тоа кои производи се најкористени во овој период од годината“,

рече тој.

Прашан дали како влада ќе преземат мерки во врска со реакциите на граѓаните дека дел од маркетите неколку дена пред да стапи во сила мерката ги имаат покачено цените, Мицкоски рече дека секој оној што се однесува шпекулативно, неморално и неетички ќе биде санкциониран.

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска објавувајќи ја пресметката на синдикалната кошничка рекоа дека на едно четиричлено семејство во септември му биле потребни 61 306 денари, што е зголемување за 107 денари споредено со август. Тоа, како што велат оттаму, укажува дека трговците во текот на месецот ги искористиле најавите за воведување на ограничени маржи на основните прехранбени производи.

На тој начин, како што оценуваат од ССМ, трговците си осигуруваат зголемени цени на производите во наредниот период кога во сила ќе биде владината одлука за ограничени маржи, на штета на граѓаните.

Дополнително намалување на производите се очекува со стапувањето во сила на Законот за нефер трговски практики. Со овој закон, кој од 28 овој месец ќе биде во сила, од Министерството за економија и труд велат дека добавувачите и купувачите ќе се усогласат во однос на рабатот и дополнителните трошоци, значи ќе се ограничи маржата за 10 проценти кај овие добавувачи и купувачи, со цел цената на 2 458 производи што ќе ги опфаќа таа листа да бидат на крај намалени за граѓаните.

- Реклама -