Нови, построги мерки за патна безбедност нуди Европската Комисија. Според комесарот задолжен за транспорт, Антонио Тајани, ако ги почитуваат новите правила на безбедност на патот, возачите ќе избегнат многу ризици при движењето, а спроведувањето на мерките треба да го преполови бројот на настраданите при катастрофите на патиштата во Унијата.
Европската комисија предлага, а Европскиот совет треба да ги утврди новите правила за безбедност на патиштата во ЕУ, кои треба да стапат на сила на почетокот на 2014 година. Амбициозната програма има за цел намалување за половина на смртните случаи при несреќи до 2020 година.
Задолжителните барања за возачите на моторни возила вклучуваат сензори на ремените, фиксни точки за детските седишта, засилени задни патнички седишта за заштита од преместувањето на багажот, како и сензори за притисок во гумите на возилото.
„Работиме напорно за безбедноста на европските возачи, патници и воопшто на сите учесници во сообраќајот и пешаците. Новите мерки ќе го зголемат значително нивото на безбедност, а секако ќе ја намалат веројатноста од сообраќајни незгоди и последиците од нив. Тоа ќе биде голем успех за Европската унија“ коментира комесарот за прашањата во автомобилската индустрија и претприемништво, Антонио Тајани.
Мерките ќе имаат обврзувачки карактер за новите возила од секој тип. Тие ќе стапат во сила во 2014 година.