Трето издание на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ 3.0 од 27 до 29 септември

Маалски фестивал нема да е маалски, ако не започнеме со поправање на „све и свашта“ у маалово. Третото издание на фестивалот, на 27 септември, започнува со Работилницата за изработка на све и свашта у маало, предводена од активистот Никола Писарев.

„Тој и група на уметници, заедно со учесниците на работилницата, најпрво ќе ги мапираат уништените и оштетените елементи на урбаната опрема, па ќе ги обноват клупите, игралиштата, жардинерите“, вели тимот на КСП „Центар – Јадро“.

Веќе напладне, во 12 часот, „Тиит.Инк“ организира маалска тура, низ која ќе ги посетиме објекти дизајнирани од архитектки низ Општина Центар.

Оваа година го поттикнуваме и детскиот џагор низ улиците и парковите преку „Сложувалка“, креативната работилница под менторство на интердисциплинарниот уметник Доротеј Нешовски.

Најмладите учесници заедно со уметникот ќе изработуваат џиновски улични сложувалки наменети за јавниот простор, со што ќе се здобијат со фини моторни вештини.

Официјално, третото издание на Маалски ќе започне со изложбата „Пет години КСП „Центар – Јадро“ во 20 часот, изложба која го претставува Центарот како приказна која се создава колективно.

Веќе 5 години под заедничката замисла „Културата како јавно добро“ во КСП „Центар – Јадро“ се запознаваат, активно дејствуваат и се инспирираат уметниците, културните работници, локалната заедница и публиката. 

„Тргнувајќи со муралот на фасадата кој традиционално се исликува и менува секоја година, па движејќи се низ сите уметнички дисциплини со својата  интердисциплинарна програма и бројните едукативни работилници, во срцето на Центарот секогаш биле и ќе бидат едукативните и уметничките програми наменети за сите.

Преку средбите помеѓу уметниците и граѓаните во рамките на бројните содржини што беа реализирани, сметаме дека не само што направивме храбар обид да ги поврземе овие две групи преку уметноста, туку сметаме дека создаваме простор каде што уметноста се обликува според потребите на колективот“, посочува тимот.

По изложбата, во Парк на франкофонија, официјалното фестивалско отворање ќе продолжи со колективно музичко опуштање.

Најпрво ќе настапи дуото Букршлиев-Томевски, по што ќе следува македонскиот бенд „Мојра“, а по нив со слободната музичка импровизација ќе се претстави квартетот Спировски/Новковски/Танасковски/Џорлев.

Вториот фестивалски ден ќе започне и Работилницата за изработка на чуднозвучни инструменти под водство на музичарот Виктор Танасковски и уметникот Владимир Лукаш.

Создадени од вашата фантазија, чуднозвучните музички инструменти произведуваат ноти на кои ушите не се навикнати, но кога ќе ги слушнеме, почнуваме да сурфаме низ звучните бранови и да се чувствуваме како дома низ новите вибрации.

Во нашиот рецепт за успешен Маалски Фестивал, инклузивноста е задолжителна состојка. По серијата работилници за македонски знаковен јазик – „ЗНАК до ЗНАК – почувствувај го знаковниот јазик“ под менторство на Викторија Волак, со неа договоривме уште една дружба.

На маалската работилница, која симболично се придружува кон одбележувањето на Меѓународниот ден на знаковниот јазик, [23 септември], ќе се изучуваат основите на македонскиот знаковен јазик, со што присутните ќе придонесат кон намалување на оттуѓеноста.

На вториот фестивалски ден ќе се одржи и Маалски Базар и саем на книги во Парк на Франкофонија. Поддржете ги малите локални бизниси во самоодржливоста и пристапете кон нивните еко – практики.

Дополнително комшиите и посетителите на Маалски, како и секоја година ќе имаат можност да слушнат приказни од маалците и да ѕирнат во неслушнатите хроники на маалото. Паралелно, во КСП „Центар – Јадро“ ќе се одржи предавањето „Уметноста на слушање музика дома“ со Владимир Симеонов за „сите мили аудиофили“.

Симеонов е градител на уникатни хајфај системи и гитарски засилувачи. На предавањето, тој ќе се осврне на уметноста на слушање музика по дома и барањето на совршен хајфај систем.

Веќе во 19 и 30 часот, ве каниме на „Џез во мојот влез“ – настап на аматерскиот џез хор „Артисан“ во КСП „Центар – Јадро“. Мешаниот хор ќе настапи со неколку изведби, разигрувајќи ја улицата Алберт Ајнштајн и нашето маало.

Вториот фестивалски ден ќе заврши со Проекција на ретро студентски филмови – „Рани трудови“. Сега веќе етаблираните филмски режисери – Јане Алтипармаков и Филип Херин ќе нѐ вратат во нивните студенски денови преку филмските проекции на кратките филмови „ГЕТО 103“ и  „ОГЛЕДАЛО“.

На третиот фестивалски ден, со почеток во 19 часот во КСП „Центар – Јадро“ ќе се одржат филмски проекции од „ОКО – аматерска филмска работилница“ и Интернационалната студентска филмска платформа „ХАЈ-ФАЈ“.

На работилницата „ОКО“ под водство на режисерката Марија Џиџева беше продуциран филм кој раскажува приказна создадена од несекојдневна екипа – пензионери/ки од Здружение на пензионери – Центар, Скопје и ученици од осмо одделение од Општинско основно училиште „Ј. Х. Песталоци“ – Скопје.

Интернационалната студентска филмска платформа „ХАЈ-ФАЈ“ од Факултетот за драмски уметности (ФДУ, Скопје) ни носи пет кратки филмови кои интригираат со својата нова перспектива. Во соработка со платформата ќе бидат прикажани студентски филмови од регионот.

Со почеток во 20 часот во Паркот на франкофонија ќе настапат повеќе македонски поп – изведувачи, како дел од културната програма на Општина Центар.

Откако со својата оригиналност ги пленија обожавателите на world music низ Европа и пошироко, музичкото дуо Добрила и Доријан ќе донесат експериментален крај на третото издание на Маалски фестивал.

Веќе во 21 и 30 часот, во КСП „Центар – Јадро“ ќе одекне од автентичната енергија на вокалистката Добрила Грашеска и звуците на ут, лупови и електроника на Дориан Јовановиќ.

Маалски фестивал се реализира со финансиска поддршка на Министерство за култура и туризам на РСМ.

- Реклама -