Трамп: Зеленски посакува демократите да победат на претседателските избори во САД

Иако не даде конкретни детали за неговиот мировен план, Трамп посочи дека доколку победи на изборите ќе ги покани рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски со цел да постигнат договор и да се стави крај на војната

Украинскиот претседател Володимир Зеленски посакува демократите да победат на претстојните претседателски избори во Соединетите Американски држави (САД), рече републиканскиот претседателски кандидат и поранешен американски претседател Доналд Трамп на кои ќе се трка со потпретседателка Камала Харис, кандидат на демократите, пренесува Ројтерс.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп / Фото: Принтскрин

Според Трамп, Зеленски сака демократите да победат на претседателските избори, бидејќи од нив добива финансиска помош.

„Сметам дека Зеленски е најголемиот продавач во историја. Секогаш кога доаѓа во нашата земја, заминува со 60 милијарди евра. Затоа и сака да победат демократите на овие избори“,

рече тој.

Иако не даде конкретни детали за неговиот мировен план, Трамп посочи дека доколку победи на изборите ќе ги покани рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски со цел да постигнат договор и да се стави крај на војната.

Украинскиот претседател се наоѓа во САД на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН). Предвидено е и да отпатува за Вашингтон за да го претстави својот „план за победа“ и да се обиде да влијае на позициите на Белата куќа во врска со војната, без разлика кој ќе победи на претседателските избори во САД на 5 ноември.  

Володимир Зеленски, украински претседател / Фото: EPA-EFE/ALESSANDRO DELLA VALLE / POOL EDITORIAL USE ONLY

Според Зеленски, одлучни дејствија од страна на САД во моментов би можеле да го забрзаат крајот на руската војна против Украина следната година.

Трамп постојано ја опишува американската помош за Украина како непотребно губење пари.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година Вашингтон и неговите сојузници обезбедија милијарди долари помош за земјата, истовремено воведувајќи неколку пакети санкции кон Москва.

- Реклама -