Не можеме да набавиме автобуси само за Скопје, туку и за други општини – вели министерот Перински

Министерот за локална самоуправа вели дека Владата треба да биде одговорна пред сите граѓани, а не само пред жителите на Градот Скопје и дека доколку се влезе во таква „авантура“ (набавка на автобуси за јавен транспорт), мора да бидат опфатени и други општини

Ние покажавме кооперативност без разлика на сè што се случуваше во минатото, но Владата нема ингеренции во тековното работење на Град Скопје, одговори министерот за локална самоуправа Златко Перински, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, прашан во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 – зошто Владата го одложува решавањето на проблемот со јавниот превоз во главниот град.

Перински вели дека на средбата што ја имаа како Влада со Град Скопје очекувале да слушнат со каква механизација располагаат јавните претпријатија, но и кој е клучниот проблем во однос на неработењето, т.е. дали има некои предизвици со кои се соочуваат комуналните претпријатија и Градот. Наместо одговори, тој вели дека им било ставено до знаење дека Градот е во финансиски консолидирана состојба.

„Е сега, ако градот е во финансиски консолидирана состојба, зошто аплицира на тековниот јавен повик за набавка на нови 40 камиони за смет, зошто денеска не се инвестира и не ги купи? Зошто побараа и противпожарни возила?“,

прашува министерот за локална самоуправа.

На новинарска констатација дека евентуалната помош од Владата за решавање на проблемот со јавниот превоз во Скопје не би значело „инвестиција“ во Арсовска, туку помош за скопјани, Перински коментира дека никој не вели оти Владата не сака да го реши овој проблем поради тоа што Арсовска е градоначалник, туку зашто законските прописи велат дека доколку се навлезе во таква набавка, треба да се имаат параметри и основа за тоа.

„Ни рекоа дека од Советот не биле усвоени програмите, на следната седница сите се усвоија и повторно имаме проблем. Ние имаме акутен проблем во Градот Скопје кој треба да се реши вчера, ако зборуваме за јавниот превоз. Каква било јавна набавка која би се однесувала на автобуси би траела со години“,

кажа Перински.

Перински вели дека Владата треба да биде одговорна пред сите граѓани, а не само пред жителите на Градот Скопје и дека доколку се влезе во таква „авантура“ (набавка на автобуси за јавен транспорт), мора да бидат опфатени и други општини.

- Реклама -