Најмалку 492 загинати во денешните израелски напади во Либан

Израелската војска соопшти дека денеска ги извршила најинтензивните воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан од 2006 година, при што загинаа стотици луѓе

Бројот на загинати во денешните напади на Израел во Либан се искачи на најмалку 492, соопшти либанското Министерство за здравство. Меѓу загинатите има 35 деца и 58 жени. Најмалку 1 645 лица се повредени. 

Фото: EPA-EFE/ABIR SULTAN

Израелската војска соопшти дека денеска ги извршила најинтензивните воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан од 2006 година, при што загинаа стотици луѓе. Според израелската војска, погодени се повеќе од 1 000 цели на либанската милитантна група Хезболах во јужен Либан и долината Бека во источен Либан.

„Меѓу погодените цели има и згради каде што Хезболах криел ракети, проектили, ракетни фрлачи, беспилотни летала и друга терористичка опрема“,

се вели во соопштението на армијата на Израел.

Откако утрово изврши бран воздушни напади врз цели на Хезболах, израелската армија се подготвува за следната фаза од операцијата во Либан, изјави началникот на Генералштабот на Израел, генерал Херзи Халеви, без да изнесува дополнителни детали за планираната акција.

Во однос на денешните напади на Израел, портпаролот на Израелските одбранбени сили (ИДФ), Даниел Хагари, изјави дека некои од жртвите во нападите се веројатно предизвикани од секундарни експлозии кои се случиле кога биле погодени згради што содржеле муниција, ракети и проектили.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, денеска му порача на либанскиот народ сериозно да го сфати предупредувањето за евакуација и оти ќе може да се врати дома по завршување на борбите.

„Израел не е во војна со вас. Тој е во војна со Хезболах“,

рече Нетанјаху во видеопораката.

- Реклама -