КФСМ изрече казни за инцидентите на натпреварот ТФТ – Чаир

Македонската кошаркарска федерација (КФСМ) денеска изрече санкции во врска со прекинатиот натпревар меѓу ТФТ Скопје и Чаир 2023 во кој навивачи на Чаир физички нападнаа кошаркар на противничкиот табор, по што дуелот беше прекинат.

Поради организациски пропусти и непочитување на прописите на КФСМ за организирање натпревари, ТФТ Скопје е казнет со 30.000 денари и забрана за настап на домашен терен со публика на два натпревари.

Капитенот на ТФТ, Едис Нури, е санкциониран со два натпревари поради „учество во тепачка‘, додека неговиот соиграч Иван Наумовски е санкциониран еден натпревар поради „фрлање тврд предмет кон публиката“.

Прволигашот Чаир2030 е казнет парично со 48.000 денари и забрана за настап со публика на домашен терен од три натпревари поради, како што се наведува во одлуката на КФСМ, „остварен физички напад од страна на симпатизери на КК Чаир 2030 околу теренот за време на одигрување на натпреварот“.

Помошникот тренер на Чаир 2030, Еркам Исмаили, е санкциониран еден натпревар додека делегатот на натпреварот Антонио Теофиловски е казнет со забрана за вршење должност на два натпревари.

Контролниот натпревар меѓу ТФТ и Чаир беше прекинат на 19 овој месец во финишот на третата четвртина кога поголема група навивачи на Чаир 2030 физички нападнаа од трибините кошаркар на ТФТ..

- Реклама -