Тајмс: „Планот за победа“ на Зеленски вклучува и безбедносни гаранции слични на членството во НАТО

Според „Планот за победа“ што украинскиот претседател Володимир Зеленски неделава ќе им го претстави на американскиот претседател Џозеф Бајден и претседателските кандидати Камала Харис и Доналд Трамп, Украина ќе бара безбедносни гаранции слични на оние што ги имаат членките на НАТО.

Како што пишува „Тајмс“, „Планот за победа“, покрај безбедносните гаранции, содржи уште три точки: продолжување на украинските операции во руската погранична област Курск со цел да го зголеми својот преговарачки удел, барање за „конкретно“ напредно оружје, како и меѓународна финансиска помош за обнова на Украина.

Според извештаите, барањето на Зеленски за безбедносни гаранции го одразува неуспехот на Украина да биде примена во НАТО и другите меѓународни сојузи и во исто време претставува желба за „доказот“ на американската посветеност за одбраната на Украина, откако Трамп претходно зборуваше за потенцијалните територијални отстапки за Русија со цел да заврши војната.

Прочитајте и:  Рускиот напад со интерконтинентална ракета ги подигна полските борбени авиони

„Тајмс“ истакнува дека Зеленски сака да избегне Украина да се најде во ситуација кога треба да се согласи на неповолен мировен договор.

Зеленски претходно изјави дека е потребна поддршка од Бајден и другите западни лидери за Украина да може да ги започне преговорите од „силна позиција“ пред крајот на годината.

Неименуваниот западен дипломат истакна дека исходот од претседателските избори во САД ќе има одлучувачко влијание врз потезите на Русија во натамошниот тек на војната.

„За рускиот претседател Владимир Путин тоа е најрелевантниот елемент во неговите пресметки. Ако Русите дојдоа до заклучок дека во Вашингтон има влада која е решена да продолжи да ја поддржува Украина, тоа дефинитивно ќе го промени нивниот став за можните преговори. Но, ако почувствуваат дека Доналд Трамп е тој што би можел да им понуди евтин излез, тоа ќе биде крајот, изјави дипломатот.

- Реклама -