Албанскиот премиер ќе создаде микродржава во Тирана, слична на Ватикан

Не е јасно како на Бекташкиот ред ќе му биде доделен легален суверенитет, но од Редот рекоа дека тие го сметаат овој потег за почеток на нова ера на промовирање на глобалната верска толеранција

Албанскиот премиер Еди Рама најави дека ќе создаде суверена микродржава во Тирана за заедницата на Бекташите, членови на исламскиот суфиски ред, која ќе промовира умереност, толеранција и мирен соживот.

Албанскиот премиер Еди Рама зборува за време на „Самитот на иднината“, пред генералната дебата на 79-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, 22 септември 2024 година, Фото: EPA-EFE/OLGA FEDROVA

Говорејќи во Обединетите нации, Рама истакна дека Албанија ги спасувала еврејските бегалци од нацистите за време на Втората светска војна и им дала засолниште на Авганистанците откако Талибанците дојдоа на власт пред три години. Тој додаде дека и Албанците се горди што на светот му дале Мајка Тереза, која „ја отелотвори љубовта кон човештвото“.

„Таа ни рече дека не можеме сите да правиме големи работи, но дека сите можеме да правиме мали работи со голема љубов. Ова е нашата инспирација во поддршката на трансформацијата на Светскиот бекташки ред во суверена држава во нашиот главен град Тирана како нов центар на умереност, толеранција и мирен соживот“,

изјави тој, пренесува Асошиејтед прес.

Тие сочинуваат околу 10 отсто од муслиманите во Албанија

Албанија има 2,4 милиони жители. Околу 50 отсто од нив се муслимани, а остатокот од населението се католици и православни и други помали заедници. Земјата е позната по својата верска хармонија и соживот. Бекташите сочинуваат околу 10 отсто од муслиманите во земјата, според последниот попис.

Не е јасно како на Бекташкиот ред ќе му биде доделен легален суверенитет, но од Редот рекоа дека тие го сметаат овој потег за почеток на нова ера на промовирање на глобалната верска толеранција.

„Ваквиот историски чекор има за цел да го признае Редот како суверена, самоуправна држава, посветена на одржувањето на својата вековна култура на умереност и духовна вклученост“,

се вели во соопштението.

Тие додадоа дека Редот треба да добие суверенитет идентичен со оној на Ватикан, што значи дека ќе управува со верските и административните прашања независно од Албанија. Државјанство би добиле само највисоките религиозни членови и оние поединци вклучени во управувањето со земјата.

Редот настанал во 13 век

Државата ќе ја води Баба Монди, поглаварот на Бекташите. Советот ќе ги надгледува неговите верски и административни активности.

„Новата држава нема да цели кон ништо друго освен кон духовно лидерство“,

се истакнува во соопштението на Бекташкиот ред.

Бекташкиот ред потекнува од Отоманската Империја во 13 век, пишува Асошиејтед прес. Бекташите добиле политичко значење во 15 век, кога редот доминирал со јаничарскиот корпус, елитните пешадиски единици.

По формирањето на Република Турција, нејзиниот водач Кемал Ататурк ги забрани верските институции кои не беа дел од Управата за верски прашања, а седиштето на бекташката заедница беше преместено во Албанија. Членот на Бекташкиот ред Исмаил Ќемали прогласи независност на Албанија од Отоманската Империја во 1912 година.

- Реклама -