Бајден: Ќе направиме сѐ што можеме за да избегнеме проширување на конфликтот на Блискиот Исток

Либанскиот пратеник Хасан Фадлала, член на Хезболах, вчера изјави дека војната со Израел влезе во нова фаза и дека организацијата е подготвена за секое сценарио, војна или конфронтација

Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека е загрижен за тензиите на Блискиот Исток и увери дека ќе стори сѐ што може за да избегне проширување на конфликтот.

„Ќе направиме сѐ што можеме за да избегнеме избувнување на поширока војна. И ќе продолжиме со нашите напори“,

рече Бајден од Белата куќа.

Многу официјални лица изразуваат загриженост за можното ширење на конфликтот на Блискиот Исток, по заострените односи меѓу Израел и либанскиот Хезболах.

Либанскиот пратеник Хасан Фадлала, член на Хезболах, вчера изјави дека војната со Израел влезе во нова фаза и дека организацијата е подготвена за секое сценарио, војна или конфронтација.

На погребот на еден член на екстремистичкиот Хезболах убиен заедно со десетици други, вкупно 45 лица, во израелски воздушен напад во населба во Бејрут, Фадлала рече дека јужниот фронт одиграл клучна улога во притисокот врз Израел да ја запре војната во Газа.

Израелскиот претседател Исак Херцог вчера го обвини Хезболах за ескалација на насилството и рече дека неговата земја не е заинтересирана да биде во војна со Либан.

Поради бранот експлозии насочени кон Хезболах во Либан оваа недела, Советот за безбедност на ОН одржа итна седница.

Состанокот го побара Алжир во име на арапските држави, а следеше по последниот израелски воздушен напад врз Бејрут, во кој загинаа најмалку 14 лица, а десетици беа ранети.

Обединетите нации повикуваат на деескалација и на максимална воздржаност по израелскиот напад на Бејрут

Претходно Пентагон информираше дека американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговарал со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.

Во разговорот, Остин ја повторил загриженоста поради ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Хезболах и ја нагласил вербата на САД во „важноста од постигнување дипломатско решение што ќе им овозможи на жителите безбедно да се вратат во своите домови од двете страни на границата“.

Тој му рекол на Галант дека САД продолжуваат да вршат притисок за договор за ослободување на заложниците и прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и ја потврдил посветеноста на САД за безбедноста на Израел.

- Реклама -