Николоски: Од мене оставка бараат најголемиот олигарх во Бугарија, корумпиран поранешен премиер и лидер на проруска партија

На новинарското прашање дали можеби е премногу агресивна неговата реторика, бидејќи Борисов доаѓа од сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски вели дека неговата позиција е чесна, но дека главен проблем во Бугарија е што има група од дваесетина личности што се обидуваат да ги расипат пријателските односи меѓу Македонија и Бугарија и меѓу блиските народи, како македонскиот и бугарскиот народ

Оставка во Македонија од мене може да побара премиерот или може да побараат тие што ме избрале, а тоа е народот. Недозволиво е странска држава да бара оставка да си поднесе потпретседател на Влада и министер. Тоа никаде го нема. Тоа е директно мешање во внатрешните односи на една држава. Тоа е директен упад во внатрешните односи на една држава. Ова што го направи Бојко Борисов само покажува што всушност тие сакаат, а тоа е да ги водат политичките процеси во Македонија и да диктираат.

Ова вечерва во вестите на ТВ Сител го изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, коментирајки го барањето од Бојко Борисов, лидерот на ГЕРБ (сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ) за негова оставка, по изјавите во врска со непоставувањето на македонското знаме на средбата меѓу претседателите на Севеерна Македонија и Бугарија, Гордана Сиљановска-Давкова и Румен Радев.

Од гостувањето на вицепремиерот Александар Николоски на ТВ Сител / Фото: Принтскин

„Јасна е интенцијата, прво сакаат да се мешаат во внатрешните работи. Второ, кој е кредибилитетот на човекот што тоа го бара од мене. Го кажав тоа, човек што беше слукан со пачки злато и стотици илјади евра околу него да зборува за моја оставка, извинете не е достоен за таа работа“,

рече тој.

На новинарското прашање дали можеби е премногу агресивна неговата реторика, бидејќи Борисов доаѓа од сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски вели дека неговата позиција е чесна, но дека главен проблем во Бугарија е што има група од дваесетина личности што се обидуваат да ги расипат пријателските односи меѓу Македонија и Бугарија и меѓу блиските народи, како македонскиот и бугарскиот народ.

„Дваесет политичари и историчари од Бугарија успеваат да ги уништат тие односи и тие односи се на рекордно ниско ниво заради пристапот што го имаат“,

вели Николоски.

Коментирајќи го барањето за негова оставка, вицепремиерот прашува кој се тие бугарски политичари што бараат оставка од македонски политичари.

„Да го видиме кредибилитетот. Кој бара оставка од мене? Олигарх број еден во Бугарија на кој му се распаѓа партијата. Поранешен премиер обвинет за корупција. Претседател на политичка партија што не ја признава Македонија со јасни проруски ориентации. Тие се тројцата што бараат оставка од мене. Тие не се достојни за тоа“,

рече тој.

Посочи дека во Бугарија имаат со кого да разговараат, ама дека тоа не се тие дваесет луѓе што предизвикуваат проблеми за Македонија.

Николоски смета дека ќе има нови ветришта во бугарската политика, особено зашто таму веќе има седум неуспешни изборни циклуси.

Изминатите неколку дена не стивнуваат реакциите во Бугарија по изјавата на Николоски упатена кон бугарските власти во врска со непоставувањето на македонското знаме на средбата меѓу двајцата претседатели.

За потсетување, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во телевизиско гостување, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на Сиљановска-Давкова и Радев, рече дека очигледно домаќинот не е цивилизиран и дека помизерни од нив се само домашните слуги.

Потоа, Бојко Борисов, лидерот на ГЕРБ, сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, прашан за коментар на изјавата на Николоски, побара извинување и негова оставка.

- Реклама -