Не знам дали е непотизам, но нема законска пречка, вели Таравари за ангажманот на братучедот на директорот на Детската клиника

Директорот на Детската клиника и министерот за здравство сметаат дека нема законски пречки во ангажирањето советник на Детската клиника, одговарајќи во врска со случајот на Алајдин Мемеди, ангажиран како советник во оваа установа, за кој партијата Левица обвини дека е братучед на директорот на клиниката

Министерот за здравство Арбен Таравари посочи дека поради големиот медиумски интерес се распрашал за Алајдин Мемеди и бил информиран дека тој раководел со една здравствена институција во 2014 и 2022 година. Резултатите, според министерот, покажуваат дека тој бил еден од најуспешните директори што раководеле со една установа

Се соочуваме со недостиг на кадар во неколку сектори во администрацијата на Клиниката за детски болести. Невозможно е оваа установа да функционира без советник во областите на финансиите и сметководството. Во таа насока, не е спорно што сме ангажирале советник. Ова денеска на прес-конференција по повод потпишувањето на Договорот за набавка на мобилен рендген-апарат од Јапонската амбасада го изјави Реџеп Мемеди, директорот на Клиниката за детски болести во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање во врска со ангажирањето за советник консултант на клиниката на Алајдин Мемеди, еден од поранешните економски директори, за кој партијата Левица обвини дека му е братучед.

Реџеп Мемеди, директорот на Клиниката за детски болести и Арбен Таравари, министер за здравство

„Сите претходни директори на Клиниката имале советници. Тоа е во рамки на дозволеното. Во тој дел немаме промена на трошоците. Ние сме голема институција, имаме преку 300 вработени, преку 70 илјади прегледи на пациенти годишно и шест илјади хоспитални пациенти. Имаме недостиг на кадар во административниот дел. Со години секторот за финансии работи без раководел, одделот за јавни набавки работи со еден вработен, без раководител. Невозможно е голема институција да функционира без советник во областа на финансиите и сметководството. Во тек сме на доекипирање и надополнување на тој кадар, секако во рамките на законските норми“,

рече Мемеди.

Одговарајќи на прашањето дали Алајдин Мемеди треба да врати пари на Клиниката, директорот рече дека конкретната личност за која е прашан е единствениот економски директор што добил судски спор кој самиот го иницирал поради неговото неосновано разрешување од функцијата економски директор.

„Има судско решение дека не направил никакви прекршоци во своето работење. Тоа е доволен факт дека работел во согласност на законските норми“,

рече директорот на Детската клиника.

Министерот за здравство Арбен Таравари посочи дека поради големиот медиумски интерес се распрашал за Алајдин Мемеди и бил информиран дека тој изминатиот период не бил економски директор, односно не бил директор во периодот кога ги разрешувале економските директори.

„Тој раководел со една здравствена институција во 2014 и 2022 година. Резултатите покажуваат дека тој бил еден од најуспешните директори што раководеле со една установа. Тој сега не е директор. Тој може да биде советник, каде било за да даде совети од неговото минато искуство“,

вели Таравари.

На прашањето дали тоа е непотизам, Тараври одговори дека не знае, но смета дека не може да му се забрани на директорот да ангажира советник со кој мисли дека подобро ќе раководи со Клиниката.

Посочи дека во една здравствена установа со систематизација е предвидено советничко место.

- Реклама -