Пеевски повика на обединување „за да се пресече антибугарската кампања“ на политичарите во С Македонија

Според Пеевски, постојаните навредливи изјави за Бугарија и Бугарите од страна на политичките лидери од Северна Македонија уште еднаш покажуваат дека бугарската страна сè уште ги нема преземено неопходните решителни дејствија „за да се запре овој бран на понижување и навреда кон нашата држава“

Сите бугарски политичари и институции мора да се обединат за да ја пресечат антибугарската кампања на политичарите од Северна Македонија. Ова го изјави претседателот на бугарската партија Движење за права и слободи (ДПС), Делјан Пеевски, по јавните настапи на македонскиот вицепремиер Александар Николоски што предизвикаа негодувања во Бугарија. ДПС беше второпласирана партија на јунските предвремени парламентарни избори во Бугарија, освојувајќи 47 места во 240-члениот бугарски парламент.

Претседателот на бугарската партија Движење за права и слободи (ДПС), Делјан Пеевски / ФОТО: Фејсбук-профил на Делјан Пеевски

Ставот на Пеевски доаѓа како реакција по изјавите на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, упатена кон бугарските власти во врска со непоставувањето на македонското знаме на средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев.

Според Пеевски, постојаните навредливи изјави за Бугарија и Бугарите од страна на политичките лидери од Северна Македонија уште еднаш покажуваат дека бугарската страна сè уште ги нема преземено неопходните решителни дејствија „за да се запре овој бран на понижување и навреда кон нашата држава“.

„Ако сакаме да ја исполниме одговорноста што ни ја доверија бугарските граѓани, сите политичари и институции мора да се обединат за да ја заштитат нашата национална чест и достоинство, без разлика на нашите политички определби и предрасуди“,

вели Пеевски, пренесува „епицентар.бг“.

Пеевски смета дека треба да инсистираат на итни и соодветни акции од бугарските институции, главно од Министерството за надворешни работи за, како што вели, одговор на демонстративната антибугарска кампања што ја водат политичарите во Северна Македонија.

„Овие активности мора да вклучуваат и привлекување на вниманието на европските институции, бидејќи проширувањето на Европа е стратешка цел која не треба да биде поткопана од можноста структурите да навлезат во европското семејство кои претходно не ги прифаќаат политиките на добрососедство, толеранција и единство и се канали на опасно руско влијание во заедницата“,

додава тој.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на Сиљановска-Давкова и Радев, рече дека очигледно домаќинот не е цивилизиран и дека помизерни од нив се само домашните слуги.

По ваквата изјава на Николоски со реакции излегоа бугарските политички субјекти.

Лидерот на ГЕРБ, сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, Бојко Борисов, рече дека за ваквата изјава има само еден еден одговор, а тоа е извинување и побара оставка од вицепремиерот Николоски.

Лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, најави дека до Националното собрание на Бугарија ќе поднесе предлог-декларација со која се осудува, како што вели, заживувањето на говорот на омраза од официјално Скопје.

Лидерот на партијата Има таков народ и поранешен шоумен, Слави Трифонов, во реакцијата на изјавата на Николоски рече „вие постоите затоа што Бугарија постои 1 300 години. Зборувате зашто бугарскиот јазик постои 1 162 години. И некој како тебе може да биде вицепремиер, зашто таквите како мене наместо да го прават тоа што го чувствуваат и сакаат, се воспитани, релативно кротки и ги почитуваат правилата и законите на Европската Унија. Ние не сме мизерни, мизерен си ти“.

Од кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев рекоа дека манипулирањето со фактите и хистеричните реакции на владата на Република Северна Македонија не влеваат оптимизам дека соседот сака односите со Република Бугарија да го напуштат полето на провокации и оркестрирани скандали.

По сите овие реакции, вчера вицепремиерот Николоски рече дека останува зад сето она што го кажал, односно дека е некултурно, непристојно и нецивилизирано да ви дојде на гости претседател на држава, а вие да не го удостоите со ставање на знамето на државата што ја претставува.

На барањето од Бојко Борисов, лидерот на ГЕРБ, за негова оставка, Николоски порачува дека политичари обвинети за криминал и корупција не се достојни да го прават тоа.

Посочи дека му е жал што добрите односи меѓу двата блиски народа, како македонскиот и бугарскиот, ги уништуваат корумпирани политичари што не можат ништо да направат за сопствената држава, освен да внесуваат гнев и омраза.

Реакција денеска стигна и од бугарскиот европратеник Андреј Ковачев ж, кој е од редовите на ГЕРБ, партијата која како и ВМРО-ДПМНЕ е дел од Европската народна партија (ЕПП). Ковачев рече дека ќе бара партијата да ја исклучи ВМРО-ДПМНЕ од „семејствата“ на партии од десниот центар во Европа.

Коментар на ова стигна од премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска одговарајќи на новинарски прашања низ насмевка рече дека реакцијата на Ковачев би била добра првоаприлска шега.

- Реклама -