СДСМ: Калкулантска политика на Владата е замрзнатата маржа за 73 прехранбени производи

„Целта е да се најде решение колку да го има и тоа е во интерес на трговците, а не во интерес на граѓаните, на кои нема нешто посебно да им помогне“, велат од СДСМ

Калкулантска политика на Владата – вака од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ја коментираат одлука на владата за ограничување на бруто-профитната маржа на дел од основните прехранбени производи за 10 отсто во трговијата на мало и на големо.

Според СДСМ, мерките на владата освен што се задоцнети, тие нема да имаат ефект врз цените и стандардот на граѓаните.

„Оваа мерка е калкулантска политика на Владата колку да замачкаат очи дека нешто направиле под притисок на јавноста. По најавената мерка на Владата дека се замрзнуваат маржите на само 73 производи, граѓаните не треба да очекуваат некаков ефект“,

се наведува во соопштението од СДСМ.

Од СДСМ велат оти целта на оваа мерка е во интерес на трговците, а не на граѓаните.

„Сега е повеќе од јасно зошто со недели Мицкоски чекаше со намалување на цените на производите. Целта била да се најде решение колку да го има и тоа е во интерес на трговците, а не во интерес на граѓаните, на кои нема нешто посебно да им помогне“,

велат од СДСМ.

Оттаму потсетуваат дека пред една година владата што беше предводена од СДСМ донесе мерки за намалување на над 500 производи во 25 различни категории и реализираше антикризен пакет за помош на граѓаните вреден 662 милиони евра.

„Во соседна Србија поевтинија 700 производи, слично е во Црна Гора. Ова што го донесе како мерка Владата на Мицкоски граѓаните нема ни да го осетат и тоа е доказ дека тој нема никаков интерес да се грижи за стандардот на граѓаните“,

велат од СДСМ. 

Од СДСМ посочуваат и на денешната информација од Државниот завод за статистика во која се вели дека просечната плата за јули е 40 961 денари, што како што велат од СДСМ, за првпат после пет години постојан раст сега бележи пад од речиси 1 000 денари во однос на претходниот месец.

Министерот за економија и труд денеска соопшти дека на вонредна владина седница е донесена одлука за ограничување на бруто-профитната маржа на дел од основните прехранбени производи за 10 отсто во трговијата на мало и на големо.

На листата на т.н. есенска кошничка се 73 производи, меѓу кои – леб, тестенини, брашно, пекарски производи како бурек и банички со месо и сирење, млеко и млечни производи, месо и преработки од месо, дел од овошјето и зеленчукот, ориз, грав, масло за јадење и дел од конзервираните производи.

Министерот за економија изјави дека со оваа мерка се очекува трошоците за храна и безалкохолни пијалаци да се намалат во просек за околу 10 отсто.

- Реклама -