Тошковски вели дека немало услови за одговорност за телохранителот на Мицкоски по инцидентот со друг полицаец пред кафе-бар

„МВР поднесе соодветна кривична постапка пред надлежните институции. Надлежниот јавен обвинител утврдил во конкретниот предмет дека предметниот полициски службеник треба да се ослободи од одговорност и актот е доставен во рамки на дисциплинската постапка која е водена во Министерството за внатрешни работи“, вели министерот за внатрешни работи

Информациите што денеска ги изнесоа од СДСМ, а за кои велат дека до нив стигнале од свиркачи, се дека целата операција е политички водена од врвот на МВР и Мицкоски, а крајната цел е телохранителот на Мицкоски да биде унапреден во командир на специјалната единица „Тигар“

Министерот Панче Тошковски при денешната посета на Полициското одделение во Општина Јегуновце / ФОТО: МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека не постоеле услови за да биде санкционирано службеното лице што тепаше друг полицаец пред кафе-барот „Мош“ во Скопје, а за кого опозицискиот СДСМ деновиве обвинува дека е ослободен од одговорност.

„Во моментот кога Одделот за внатрешни работи утврди потреба од отпочнување на соодветна постапка лицето, од интерес за опозицијата, беше суспендирано од страна на МВР се до моментот на окончување на соодветната постапка којашто беше преземена. МВР поднесе соодветна кривична постапка пред надлежните институции. Надлежниот јавен обвинител утврдил во конкретниот предмет дека предметниот полициски службеник треба да се ослободи од одговорност и актот е доставен во рамки на дисциплинската постапка која што е водена во Министерството за внатрешни работи“,

рече денеска Тошковски на новинарско барање за коментар за наводите на СДСМ.

Тошковски додаде дека и од страна на дисциплинската комисија е утврдено дека за предметното службено лице не постојат услови за да биде санкциониран во рамки на дисциплинската постапка која е спроведена во министерството.

„Тоа значи дека откако е завршена постапката во рамки на Јавното обвинителство, на начин на којшто е завршена е завршена и постапката во рамки на Министерството за внатрешни работи“,

рече Тошковски.

Тој додаде дека не треба да се шират дезинформации, да ја пренесуваат фактичка состојба таква каква што е и ги повика опозицијата и сите останати, како што рече, да не ја манипулираат јавноста за случаите поврзани со МВР.

Од опозицискиот СДСМ изминативе два дена на прес-конференции соопштија дека обезбедувањето на Христијан Мицкоски, полицаецот Ивица Бисовски, што тепаше друг полицаец пред кафе-барот „Мош“ во Скопје, е ослободен од одговорност од страна на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Партиската портпаролка Богданка Кузеска вчера рече дека иако Комисијата за дисциплинска постапка побарала Бисовски да биде казнет, лично Панче Тошковски го ослободил телохранителот на Христијан Мицкоски од одговорност.

Денеска, од партиското седиште на СДСМ, Кузеска ја оцени како срамна вчерашната реакција на МВР во која се вели дека Бисовски бил ослободен заради тоа што тепаниот полицаец не сакал да тужи.

Таа рече дека со информациите што до нив стигнале од свиркачи ќе ја демантираат „оваа лага со нови информации за тоа која е вистинската причина за ослободување на Бисовски“.

Според овие информации, рече Кузеска, целата операција е политички водена од врвот на МВР и Мицкоски, а крајната цел, е телохранителот на Мицкоски да биде унапреден во Командир на специјалната единица „Тигар“.

„Доколку останела дисциплинската постапка и Бисовски бил казнет, тоа немало да биде возможно. Целиот план е ова да се случи во три фази, првата е ослободување на Бисовски од одговорност која веќе е завршена. Втората фаза е негово поставување на позиција самостоен инспектор која е во тек. Денес го прашуваме Тошковски, дали пред неколку дена е распишан оглас за самостоен инспектор токму за Бисовски? Доколку Бисовски биде избран на овој оглас ќе се потврди целата шема која е договорена и се реализира. Следната и последна фаза требало да биде негов избор за командир“,

додаде Кузеска. 

На 18 февруари годинава медиумите објавија дека членот на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Ивица Б., нападнал колега полицаец кој извршувал службени дејствија, а веднаш по нападот бил лишен од слобода.

Тогаш техничкиот министер на МВР, Тошковски, најави дека полицискиот службеник ќе биде суспендиран од работа сè до донесување правосилна пресуда која ќе биде донесена во рамки на постапка, како и дека МВР ќе поднесе кривична пријава против ова лице за напад на друго службено лице.

- Реклама -