Kонцерт на Стефан Миленковиќ и македонскиот камерен оркестар „Профундис“ Филхармонија

Вечерва во 20 часот, познатиот виолински виртуоз Стефан Миленковиќ ќе настапи со македонскиот камерен оркестар „Профундис“ во големата сала на Македонската филхармонија.

Миленковиќ, познат по својата извонредна техника и емоционална длабочина, ќе музицира заедно со „Профундис“ под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ. Заедно, тие ќе изведат возбудлива, сложена и технички најпредизвикувачка програма која вклучува ремек-дела од композитори како Паганини, Сарасате и Чајковски.

Ќе бидат изведени некои од најсложените дела од класичната музика кои се предизвик дури и за најдобрите музичари, но заедно со Миленковиќ и врвните музичари од камерниот оркестар „Профундис“, публиката ќе има единствена можност да ужива во перфектна изведба на овие ремек-дела.

-Не секогаш ние изведувачите ја бираме програмата, ама утревечер,во Филхармонија, тоа ќе биде величенствена класична музика на композитори кои го одбележаа минатиот век“, рече денеска на официјалната прес-конференција српскиот виолинист.

Говорејќи за настанот, Миленковиќ ја изрази својата восхитеност од Профундис, истакнувајќи ја извонредната уметничка изведба и страста за музиката на оркестарот.

Миленковиќ е српски виолинист со светска слава, познат уште од најраните години како „чудо од дете“. Роден во 1977 година, тој покажал извонреден музички талент уште од најрана возраст, одржувајќи го својот прв концерт на само шест години. Веќе на десетгодишна возраст, настапувал пред личности како претседателот на САД Роналд Реган, советскиот лидер Михаил Горбачов, и папата Јован Павле II. Со преку 1,000 концерти до својата 16-та година, Миленковиќ постојано ја потврдува својата техничка виртуозност и длабочина на интерпретација. Неговата кариера е обележана со настапи на престижни сцени како „Карнеги Хол“, Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, и „Марински“ театарот во Санкт Петербург.

Во текот на својата кариера, Миленковиќ е добитник на бројни престижни награди и признанија. Меѓу неговите титули се „Уметник на векот“ и „Најхумана личност“, што ја одразува неговата посветеност не само кон музиката туку и кон општеството. Тој исто така ја добил и титулата „Личност на годината“ и е познат како еден од најистакнатите уметници од Балканот

- Реклама -