„Е па, министре Тошковски, вие денеска не само што го погазивте зборот, ја погазивте и честа и угледот на целото МВР и на сите полицајци. Покажавте дека ниту за правдата, ниту за одговорноста, ниту, пак, за тепаниот полицаец што изеде ќотек пред кафе-барот ‘Мош‘ не ви е грижа. Се враќа МВРО-ВМРО на голема врата“, рече портпаролката на СДСМ
Обезбедувањето на Христијан Мицкоски, полицаецот Ивица Бисовски, што тепаше друг полицаец пред кафе-барот „Мош“ во Скопје, е ослободен од одговорност од страна на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Богданка Кузеска, потсетувајќи на инцидентот што се случи во февруари годинава, кога полициски службеник што не бил на должност, физички нападнал полициски службеник што извршувал службени дејствија.
Според Кузеска, иако Комисијата за дисциплинска постапка побарала Бисовски да биде казнет, лично Панче Тошковски го ослободил телохранителот на Христијан Мицкоски од одговорност.
„Беше спроведена дисциплинска постапка и комисија, а лично Тошковски најавуваше и кривични пријави. Се случи спротивното. Тошковски го ослободи Бисовски. За блиските луѓе на Мицкоски сè е дозволено, па дури и да тепаат полицајци“,
рече таа.
Кузеска потсети на она што веднаш по инцидентот го зборуваше Панче Тошковски, како тогашен технички министер за внатрешни работи, дека одреден припадник на Министерството за внатрешни работи (МВР) сторил насилство, со што ја погазил честа на министерството, па и на Македонија.
„Е па, министре Тошковски, вие денеска не само што го погазивте зборот, ја погазивте и честа и угледот на целото МВР и на сите полицајци. Покажавте дека ниту за правдата, ниту за одговорноста, ниту, пак, за тепаниот полицаец што изеде ќотек пред кафе-барот ‘Мош‘ не ви е грижа. Се враќа МВРО-ВМРО на голема врата“,
вели портпаролката.
Го повика Панче Тошковски да излезе пред јавноста и да одговори дали оваа срамна одлука е донесена под директен налог на Христијан Мицкоски.
„Која е вистинската причина за која е ослободен Бисовски? Доколку Тошковски не одговори, СДСМ ќе ги даде одговорите пред јавноста“,
рече Кузеска.
На 18 февруари годинава медиумите објавија дека членот на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Ивица Б., нападнал колега полицаец кој извршувал службени дејствија, а веднаш по нападот бил лишен од слобода.
Тогаш техничкиот министер на МВР, Тошковски, најави дека полицискиот службеник ќе биде суспендиран од работа сè до донесување правосилна пресуда која ќе биде донесена во рамки на постапка, како и дека МВР ќе поднесе кривична пријава против ова лице за напад на друго службено лице.