Одредбите за етничка припадност при вработување во јавниот сектор нема да се применуваат до конечна одлука на Уставниот суд

Уставниот суд денеска донесе времена мерка за одредби од законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Правилникот за задолжителни елементи во јавниот оглас при вработување во јавен сектор што се однесуваат на етничката припадност, односно одредби од акти кои беа оспорени од страна на Државната комисија за спречување на корупција. До носење на конечна одлука од страна на Уставниот суд овие одредби нема да се применуваат.

– Судот ги оцени наводите на Комисијата како основани, но и ги прошири сомнежите за неуставноста и незаконитост и за други одредби и по сопствена иницијатива поведе постапка за одредби од истите закони но и за подзаконски акти кои произлегуваат од нив, рече Беловска.

Во оваа фаза Уставниот суд, како што истакна портпаролката, изразува сомнеж дека се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот кои се признати во меѓународното право и утврдени во нашиот Устав, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, кои се темелни вредности на кои почива нашиот уставно-правен поредок.

– Судот изрази сомнеж дека со одредбите за кои поведе постапка  се доведува во прашање уставно-загарантираниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот, утврден со членот 9, понатаму, уставната гаранција секому, под еднакви услови да му е достапно секое работно место, утврдено со членот 32, како и членот 54 според кој, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско, по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба, рече Беловска.

Во суштина на аргументите во денешната расправа, како што рече, беше посочена Одлуката на Уставниот суд во предметот У.бр.92/2023 во која е одлучено дека националната припадност е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо, лично право е на граѓанинот да одлучи дали ќе се изјасни, како ќе се изјасни за својата припадност, вклучително и правото да не се изјасни.

– Расправајќи за одредби од Законот за матична евиденција одлучи дека националноста е приватно и внатрешно чувство и никој не може да биде принуден тоа чувство да го манифестира во јавноста, а уште повеќе тоа чувство да биде предмет на задолжителна институционално администрирање во регистрите на државата, рече Беловска.

Пред Судот, како што кажа, се постави прашањето дали со оспорените одредби за кандидатите за административни службеници, идентично како и во Регистарот на вработените во јавниот сектор, се наметнува законска обврска за изјаснување на припадноста кон одредена заедница и исто така основано се постави прашањето дали одредбите од Правилникот за задолжителни елементи на јавниот оглас претставуваат ограничување на правото на кандидатите кои припаѓаат на различни заедници од онаа наведена во јавниот оглас, со што се доведува под сомнеж нивната усогласеност со принципот на еднаквост и со уставната гаранција секому под еднакви услови да му биде достапно секое работно место.

Прочитајте и:  Ден на албанската азбука: Ниту едно добиено право не може да се укине или ограничи - му порача Меџити на Уставен суд

Уставниот суд денеска поведе постапка за член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“, од Законот за вработени во јавен сектор („Службен весник на Република Македонија” бр. 27/14, 199/14, 27/16, 35/18, 198/18 и “Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 143/19 14/20 и 302/20); за член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“,од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија” бр.27/14, 199/14, 48/15, 154/15, 5/16, 142/16, 11/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/19, 14/20 215/21 и 99/22) и за член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор бр.12/1-42/4 од 27.02.2015 година („Службен весник на Република Македонија” бр. 34/15);

Уставниот суд по сопствена иницијатива поведе постапка и за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 2 и 3 од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор бр.12/1-42/4 од 27.02.2015 година („Службен весник на Република Македонија” бр. 34/15) и член 3 став 1 алинеја 8 од Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор, начинот на неговото водење, начинот на пристап користење, обработка на податоците, како и начинот на обезбедување одговорност за веродостојноста и безбедноста на податоците бр. 14/2-2766/3 од 29.08.2014 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 132/2014).

Уставниот суд денеска на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно  место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се  нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.

- Реклама -