Македонската култура е симбол на континуитет и еволуција

На темата „Македонското наследство на вмреженоста и поврзаноста“, во нашата земја оваа година ќе бидат организирани настани во 14 градови и села, со учество на 20 музеи, невладини организации и други институции кои се ангажирани на полето на културното наследство.

Oва беше истакнато на денешната конференција на Европските денови на културното наследство, која е еден од најшироко прифатните културни настани кој ги обединува луѓето од целиот европски континент.

„Македонската култура е симбол на континуитет и еволуција, која го збогатува заедничкиот европски идентитет со својата автентичност, прикажувајќи го нашиот народ како чувар на своите традиции, но и како учесник во создавањето една нова, модерна и креативна Европа“, рече министерот Љутков, говорејќи на темата на конференцијата, „Македонското наследство на вмреженоста и поврзаноста“.

Со зачувувањето на европското културно наследство, го чуваме и нашиот идентитет, учиме од минатото и ја цениме различноста што нè обединува.

Македонското културно наследство е скапоцен дел од големиот мозаик на европските вредности, со вековна традиција која ги отсликува нашата историја, уметност и духовност. Археолошките наоѓалишта, црковни споменици, традиционални обичаи и уметнички дела сведочат за длабоките културни врски со вековите и го претставуваат нашиот уникатен придонес во европската културна ризница.

По усвојувањето на Европската културна конвенција на 19 декември 1954 година од страна на Советот на Европа, како документ кој има цел да ја промовира културната соработка меѓу европските земји и да го зачува и да го заштити заедничкото културно наследство на европските народи, Деновите на европското наследство се широко прифатен настан кој се одбележува со илјадници активности низ цела Европа.

На конференцијата, на повеќе панел-дискусии свои излагања ќе имаат дваесетина експерти од земјава и од странство.

- Реклама -