Демаршот на бугарскиот амбасадор ќе биде врачен од директорот на Директоратот одговорен за регионот, а не од министерот Муцунски

Протестната нота на бугарскиот амбасадор во земјава Желјаско Радуков, заради фотографирањето пред бугарското знаме на претседателите Румен Радев и Гордана Сиљановска на средбата завчера во Софија, ќе му биде врачена денеска од директорот на Директоратот одговорен за регионот, а не од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, велат извори од МНР.

Според истите извори, за овој настан не било реагирано директно на средбата во Софија, бидејќи, велат, постојат протоколи за да се реагира за овој тип на ситуација.

Велат дека пред самата средба на шефовите на државите бил јасно утврден протоколот и прашањето на коешто МНР ќе побара одговор е зошто бугарската страна отстапила од претходно утврдениот протокол. Изворите додаваат дека македонското знаме било истакнато на работниот ручек кој претходел на средбата меѓу претседателка Сиљановска Давкова и бугарскиот претседател Радев во Софија.

Извори од МНР велат дека сепак е конструктивно што е остварена средба меѓу претседателите на Северна Македонија и на Бугарија. Дополнуваат и дека на работниот ручек не било отворено прашањето за предлогот на државава за уставни измени со одложено дејство. Велат дека за тоа ќе се разговара откако во Бугарија ќе се избере политичка влада.

Претходно, денеска и премиерот Христијан Мицкоски рече дека ќе му биде врачена протестна нота на бугарскиот амбасадор во земјава, повторувајќи дека како држава сме секогаш подготвени на добрососедските односи да возвратиме со добрина, но кога ќе видиме дека се поминати црвените линии ,тогаш ќе мораме да интервенираме.

– Во минатото кога се понижуваше и распродаваше македонското достоинство, тогаш се молчеше, се виткаше кичмата и се согласуваа со тие што не понижуваа и газеа. Сега се решаваат работите на овој начин, дипломатски, се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна политика ниту дипломатска со свиткана кичма. Тогаш кога ќе се помине рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира. Затоа што вие ако не реагирате, тој исклучок потоа ќе стане пракса, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред средбата со претставници на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-Германското стопанско здружение.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

Како што посочи, македонската делегација за непоставувањето на државното знаме не реагирала веднаш во знак на почит на двајцата пилоти, кои истиот ден го загубија животот во авионска несреќа.

Од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова во саботата најавија дека ќе побараат објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во Кабинетот на претседателот на Бугарија иако, како што нагласија оттаму, ваков потег и чин не бил предвиден, ниту договорен.

– Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна, наведоа од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.

Опозициската СДСМ и вчера реагираше за посетата на Софија, обвинувајќи дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ ја загрозиле македонската самобитност и македонски идентитет. ВМРО-ДПМНЕ, пак, во реакција на прес-конференцијата на СДСМ наведе дека „не се потребни лекции од партија која кога беше на власт ја воведе државата во безброј дипломатски кризи и меѓународни понижувања.“

Средбата на Радев и Сиљановска Давкова беше дел од активостите на македонската претседателка при посетата на Софија по повод присуство на настапот на македонската опера во Софија со  „Набуко“, како чекор од културната дипломатија.  Во македонската делегација беа и министрите за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и за култура Зоран Љутков.

Новоименуваниот амбасадор на Бугарија Желјаско Радуков и ги предаде акредитивните писма на претседателката Сиљановска Давкова на 10 септември, заменувајќи го досегашниот амбасадор  Ангел Ангелов.

- Реклама -