За да ја принуди Русија да преговара според моделот на Киев, НАТО планира да испрати војници во Украина, изјави денеска заменик-министерот за одбрана на Руската Федерација, Александар Фомин.
Зборувајќи на тридневниот безбедносен форум „Ксианшан“ што се одржува во Пекинг, Фомин рече дека на Киев му се обезбедува сеопфатна воена помош и поддршка за напади на руска територија, со цел да се обезбедат услови за насилно принудување на Москва да преговара според украинските формули.
Тој, исто така, рече дека од истата причина НАТО прави планови да испрати свои војници во Украина и дека тоа е „опасна игра што може да доведе до директен воен конфликт меѓу нуклеарните сили“, пренесуваат руските медиуми.
Рускиот заменик министер за одбрана додаде дека во овој контекст „САД активно работат на промени во својата нуклеарна доктрина“, во која, како што смета Москва, „прагот за употреба на нуклеарно оружје може значително да се намали“.