Во првите шест месеци од оваа година Русија забележа најниска стапка на наталитет уште од 1999 година, покажуваат официјалните податоци на рускиот Завод за статистика Росстат, што беа објавени вчера.
Во јуни бројот на новородени за првпат беше помал од 100.000.
Комбинацијата на падот на наталитетот и зголемената стапка на смртност доведе до намалување на руското население, проблем за Кремљ, кој води војна во Украина откако Москва ја започна својата инвазија во 2022 година.
Во јули, Кремљ нискиот наталитет во Русија го нарече катастрофа за земјата.
Според податоците на Росстат, во првата половина на 2024 година во Русија се родени 599.600 деца, што е за 16.000 помалку отколку во истиот период минатата година, а најмалку од 1999 година.
Бројот на новородени деца во јуни се намали за шест отсто на 98.600, со што оваа бројка за прв пат е под 100.000, објавија руските медиуми.
Намалувањето на населението делумно беше неутрализирано со зголемувањето на бројот на мигранти за 20 отсто во периодот од јануари до јуни, покажуваат податоците.
-Ова е катастрофално за иднината на нацијата, изјави во јули портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Нина Останина, шеф на комитетот за заштита на семејството во Думата, Долниот дом на рускиот Парламент, изјави дека е потребна „специјална демографска операција“ за да се подобри наталитетот.
-Мораме да организираме и спроведеме нова специјална операција. Исто како специјалната воена операција: специјална демографска операција, рече Останина.