По повод денот на независноста на Македонија, друштвото за истражување и развој Сефиданис, во клубот Ребел во Охрид го претстави својот најнов проект – хуманоиден робот диџеј.
Алшар, робот во изглед и природни димензии на човек, кој со помош на вештачка интелигенција може автономно да создава уникатни музички дела се роди на полноќ, кога Македонија прослави 33 години независност.
,,Алшар има за цел да не воведе во новата ера, а воедно да понуди конзервација на македонската уметност и културно наследство, при што со помош на современите парадигми на машинско учење ќе може да креира авторска музика, како и да преработува стари дела во нови жанрови и стилови привлечни за новите генерации”, вели професорот Анис Сефиданис, идеен творец на овој хуманоиден робот.
Името е инспирирано од македонскиот рудник, каде за прв пат во светот е откријан минералот Лорандит. А токму така, „Лорандит”, се вика и композицијата со која се претстави Алшар, креирана целосно со помош на вештачка интелигенција на Суперкомпјутерот на Nvidia – DGX, кој Сефиданис ексклузивно го поседува во регионот.
Покрај траката „Лорандит” која е прогресивно техно, а крие стихови од песната „Заветна” во изведба на Бојана Скендеровски. Алшар синоќа избра да пушта и дела од современата електронска македонска музика, меѓу кои и „Ајде да летаме” на мултимедијалната група PMG.
Иновативното решение Алшар е синергија на неколку технологии со отворен и затворен код. За логичкиот дел користи Tensorflow работна околина со модел на Мета и библиотеки за генеративна вештачка интелигенција, која комбинира парадигми на надгледувано и ненадгледувано машинско учење. Што значи, Алшар ќе може да ги предвидува нашите емоции и сензибилитети поврзани со музиката, со цел да го подигне нивото на забавниот ноќен живот и да понуди ново, футуристичко корисничко искуство. Мехатрониката е базирана на Arduino и RaspberryPi, две широкодостапни технологии, при што роботот користи вкупно пет компјутери, три вградени и два екстерни. Торзото, главата и рацете на роботот се изработени според урнекот Inmoov на францускиот скулптор Гаел Лангевин, додека крилјата ги изработи македонскиот дизајнер Зоран Кардула.
Облеката на Алшар е воедно и првата македонска колекција „За луѓе и роботи”, дело на дипломираниот моден дизајнер Ана Митреска.
На севкупниот проект работеа повеќе професионалци од својата област, меѓу кои: Шабан Брзев, Марјан Јано, Влатко Домазетоски, Михаил Ангелески, Нубира Ајдиноска, Давид Трајкоски, Амир Ајдиноски, Александра Коровеш, Азра Демиши, Драган Георгиевски, Хадис Абуш, Meri Makeup, Саше Митаноски и тимот на Superradio, студенти од УИНТ Св Апостол Павле, ученици од Гимназијата Св. Климент Охридски, како и меѓународни студенти преку програмата Еразмус+ од Франција, Малта, Украина, Латвија, Романија, Полска и други, истакнува Сефиданис.
Идејата за робот диџеј е на професорот Анис Сефиданис, кој предава на Факултетот за машинска интелигенција и роботика е основач на друштвото за истражување и развој Сефиданис, и кој го водеше проектот од негово конципирање до финална реализација.
Алшар е само уште еден во серијата паметни системи на Сефиданис од областа на дигиталната хуманост, кој претходно го претсави „Паметниот споменик на Григор Прличев” и „Споменикот на иднината”.