СИРИЗА: Ги осудуваме прекршувањата на Договорот од Преспа од турскиот МНР

СИРИЗА недвосмислено ги осудува сериозните прекршувања на Договорот од Преспа од турскиот МНР Хакан Фидан за време на неговата посета на Република Северна Македонија и ја повикува Владата да престане да ги потценува турските провокации и конечно да реагира динамично, соопштија од грчката опозициска партија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од СИРИЗА велат дека „овој провокативен турски став не е случаен“, туку според нив е последица на политичките одлуки на Владата на Мицотакис, која „систематски води нетранспарентна надворешна политика, нанесувајќи им штета на националните интереси, избегнувајќи сите овие години какво било активно вклучување во Договорот за да ги одржи внатрепартиските рамнотежи“.

– Индикативен е фактот што посетата на турскиот МНР има за цел зајакнување на стратешките односи со Северна Македонија, а од друга страна Нова демократија не се погрижи да ги развие билатералните стратешки односи и улогата на Грција кај соседната земја, со ратификување на меморандумите, потпишување нови и свикување на предвидените Високи совети за стратешка соработка, при што веќе се очигледни последиците за нашите национални интереси, соопштија од СИРИЗА.

Дополнително, го повикаа грчкиот премиер да преземе дипломатски дејствија со демарши за „Турција конечно да се усогласи со меѓународното право и реалноста“.

Вчерашната посета на шефот на турската дипломатија на Скопје и прес- конференцијата со неговиот македонски колега се најдоа и во грчките медиуми, кои акцентот го ставија, не само на суштината на изјавите на двајцата министри и на пораките што ги испратија, туки и на тоа кое име го употребил Фидан, т.е. дека земјата ја нарекол Македонија.

Грчката телевизија „Скај“ коментираше дека министерот за надворешни работи на Турција на прес конференцијата користел и Северна Македонија и Македонија, нешто што го поткрепија со видео од изјавите на Фидан.

-Изјавите беа хибридни, Македонија – Северна Македонија, Македонија-Северна Македонија. На почетокот рече Македонија, веднаш потоа рече Северна Македонија. Подоцна пак Македонија, потоа повторно Северна Македонија, објасни дописникот на „Скај“ од Турција.

- Реклама -