Добро е што Перински призна дека Град Скопје има капацитет да набави нови автобуси, велат од администрацијата на Арсовска

Во таа насока, оттаму додаваат дека доколку министерот за локална самоуправа смета дека може да апелира до советниците, тие се подготвени да закажат вонредна седница на Советот на која би била изгласана одлуката за набавка на нови еколошки автобуси

Добро е што министерот за локална самоуправа Златко Перински призна дека на средбата во Владата бил понуден план за санирање на состојбите во градот Скопје, се вели во реакцијата од Град Скопје на дел од вечерашното интервју на министерот во Дневникот на ТВ Сител.  

Илустративна фотографија / Фото: Архива

Од администрацијата на скопската градоначалничка, Данела Арсовска додаваат дека е и добро тоа што Перински признал дека Градот е ликвиден, консолидиран и има сопствен финансиски капацитет да набави нови еколошки автобуси.  

Министерот за локална самоуправа во интервјуто, во кое говореше за повикот за финансирање на општините, на кој може да аплицира и Градот Скопје, прашан што ако од Градот добијат проект за набавка на 250 нови автобуси, рече дека тоа не е инфраструктурен капитален проект што градоначалничката на Скопје не може сама да го исфинансира.  

Во одговорот, тој додаде дека на средбата во Владата, Арсовска рекла дека Градот е во финансиски консолидирана состојба.       

„Со ова паѓаат сите лаги кои во последниве две години ги пласираше ВМРО-ДПМНЕ“, 

велат од Град Скопје.

Оттаму, како што додаваат во писмената реакција, ја поздравуваат искреноста на Перински и повторуваат дека е точно дека градот Скопје може сам да набави 250 еколошки автобуси.  

„За тој проект како министер за локална самоуправа сепак Перински би требало да знае дека набавката мора да биде изгласана и одобрена од Советот на град Скопје каде мнозинство има токму ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција. Токму нивните советници 22 месеци гласат против одлуката за набавка на нови автобуси“,

велат од Градот Скопје.  

Во таа насока, од админстрацијата на Арсовска додаваат дека доколку министерот за локална самоуправа смета дека може да апелира до советниците да гласаат за оваа одлука, тие се подготвени да закажат вонредна седница на Советот на која би била изгласана одлуката за набавка на нови еколошки автобуси.  

Говорејќи на оваа тема денеска премиерот Христијан Мицкоски рече оти смета дека  проблемот што скопјани го имаат со јавниот градски превоз нема да се реши доколку во моментов биде отпочната постапка за набавка на 250 нови автобуси. 

„Денеска да поддржиме одлука или да почнеме процес за набавка на автобуси само за Скопје, истите ќе бидат испорачани за следната учебна година. Ние стоиме на располагање да слушнеме план, да го поддржиме тој план, но ако е планот ‘гласајте да земеме кредит за да набавиме автобуси коишто ќе стигнат догодина’, тоа нема да го реши проблемот којшто денеска го имаат скопјани“, 

изјави Мицкоски на денешната прес-конференција во Владата на која беше презентиран проектот за 250 милиони евра за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините. 

Според премиерот, овој проблем се решава со мобилизација во Јавното сообраќајно претпријатие со, како што рече, вистинско и наменско трошење на средствата кои скопјани преку градската каса му ги даваат како субвенција на ЈСП. Но тоа, додава, не може да го стори Владата, туку Град Скопје, т.е. менаџментот на ЈСП. 

- Реклама -