Столтенберг: Украина постигна многу во офанзивата во Курск

Украина постигна многу во својата офанзива на регионот Курск во Русија, но тешко е да се каже како ситуацијата понатаму ќе се развива, изјави денеска за новинарите во Осло генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

– Само Украинците можат да ги направат тешките избори кои се неопходни, како што се локациите за распоредување на нивните сили и типот на војување соодветен во оваа ситуација, рече Столтенберг.

Руските сили напредуваат во источна Украина, а украинските војници направија упад во рускиот регион Курск и таму на 6 август го почнаа најголемиот странски напад врз Русија од Втората светска војна.

Столтенберг рече дека Украина има право на самоодбрана, вклучително и достигнување воени цели на руска територија.

Прочитајте и:  Белоусов: Украинската воена кампања за 2025 година пропадна

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека упадот на Украина во руската област Курск не успеа да го запре напредувањето на руските сили во Донбас и ги ослабна украинските одбранбени позиции долж линијата на фронтот, што им помогна на силите на Москва.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека нападот е обид војната да се доведе во Русија за да се принуди Путин да постигне мир и да се создаде тампон зона за да ги спречи руските напади врз соседната Сумска област.

- Реклама -